BMW M 1000 RR се уште е нова машина и важно е да видиме до каде е тимот во однос на останатите екипи, вели Том Сајкс.

Том Сајкс и Михаел ван дер Марк го завршија дво-дневното тестирање на новиот BMW M 1000 RR. Двата дена во Барселона беа единствениот официјален пред-сезонски тест за тимовите и возачите. Сепак, BMW неколку дена претходно имаше приватен тест на патеката во Херез.

На Сајкс во тимот му се приклучи поранешниот возач на Pata Yamaha, ван дер Марк. А развојот на новата машина е приоритет за екипата со оглед на слабите резултати кои ги покажа S 1000 RR.

Сајкс го заврши тестот на шестото место додека пак ван дер Марк ја освои четиринаесетата позиција за Германскиот производител.

sykes bmw txt 1 02 04

„Ова беше многу корисен тест. Откривме многу нови работи во однос на BMW M 1000 RR и дефинитивно собравме многу корисни информации“, вели Сајкс.

„Направивме добар чекор напред во однос на перформансите на моторот и во уште неколку други сегменти на мотоциклот.  Сакам дополнително да работам на тракцијата и на шасијата и мислам дека веќе имаме неколку различни опции.“

„Мене добро ми дојдоа дополнителните два дена тестирање со мотоциклот. Тој се уште е нов и треба да видиме до каде сме во однос на конкуренцијата. Точно видовме каде треба да се подобриме.“

„Тимот сега има на располагање некоку недели да ги разгледа информациите кои ги собравме во изминативе два дена.“

За разлика од Сајкс,ван дер Марк беше надвор од најдобрите десет возачи за време на поголемиот дел од тестовите. Сепак, Холандскиот возач е фокусиран на тоа да извози што е можно повеќе кругови.

vanDenMark txt 2 02 04

Зборувајќи по завршувањето на првиот,официјален, настап за BWM, ван дер Марк изјави: „Добро е што повторно се враќам на патеката. Се уште има многу работи кои треба да ги испробаме. Понекогаш тоа не е лесно но откривме некои интересни информации.“

„Севкупно гледано, имавме два дена тестирање и немаше некои големи проблеми. Тоа е важно бидејќи можевме да извозиме голем број на кругови со цел да го подобриме мотоциклот за следниот тест.“

Back To Top