На вчерашната седница собранието на Република Македонија по скратена постапка го изгласа предлогот на закон за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој се дозволува управување на мотоцикл со зафатнина до 125цц со возачка дозвола од Б категорија.
Како што веќе пишувавме, по предлог на пратеникот Павле Арсоски, во собранието беше разгледан предлогот за законот и истиот беше изгласан со 84 гласа ЗА и ниту еден против. Попладнето, по гласањето на седницата на Комисијата за одбрана и безбедност и Законодавно правната комисија истиот беше одобрен со што официјално започнува ново поглавје за љубителите на две тркала.

Со измените на законот се предвидува возачот кој поседува возачка дозвола од Б категорија, да има право да управува мотоцикли со автоматски менувач од категоријата „А1“ чија работна зафатнина на моторот не е поголема од 125 см³ и чија сила на моторот не е поголема од 11 kw и соодносoт на јачината на моторот и масата на возилото не надминува 0.1 kw/kg, откако ќе наполни 23 години и минимум 5 години важечка возачка дозвола од категорија „Б“ и поседува потврда за посета на 4 часовна теоретска обука и кој важи само на територијата на Република Македонија.
Сепак, ова не значи дека веќе од денеска ќе можете да управувате 125цц со Б категорија бидејќи МВР треба да ја заврши „папирологијата“. Министерот за внатрешни работи во рок од 15 дена од денот на влегување во сила на овој закон ќе ја пропише содржината на обуката, формата и содржината на потврдата и начинот на водење на евиденција за издадени потврди за посета на 4 часа сообраќајни правила и прописи за управување со мотоцкл до 125 см³ (теоретска обука) и автошколата ја издава потврдата за посета на 4 часа сообраќајни правила и прописи за управување со мотоцкл до 125 см³ и го известува Министерството за внатрешни работи кое води посебна евиденција.
Да повториме, за да може да управувате 125цц со Б категорија треба:
- најмалку 5 години поседување Б категорија
- возачот да има наполнети 23 години
- дополнителна обука (4 часови теоретска обука во авто школа)
За нас овој закон е важен затоа што потенцијално добиваме повеќе браќа и сестри на две тркала – за многумина ова ќе биде првиот чекор, кој подоцна води кон поголем мотор, А категорија и вистинско влегување во мото светот.
Нека ни е со среќа!

Коментари