(Време на читање: 2 - 3 минути)


Идејата возачите со Б категорија да можат да управуваат мотоцикл до 125 кубици повторно е актуелна во Македонија, а според најновите информации – очекуваме наскоро ова да стане реалност.

b kategorija skuter 125cc

Предлогот веќе постоеше – но беше повлечен

Иако дел од медиумите сега ја актуелизираат темата, ние на motori.com.mk оваа иницијатива ја следиме подолго време. Уште претходно стапивме во контакт со пратеникот Павле Арсоски, кој стои зад предлог-законот.

Тој за нашиот портал потврди дека предлогот беше поднесен уште на 04.07.2025 година, но бил повлечен само неколку дена подоцна – на 09.07.2025.

Причината, како што ни објасни Арсоски, не била суштинска, туку техничка:

Законот беше повлечен по барање на МВР (иако претходно се беше усогласено со нив) од технички причини.

Што точно предвидува измената?

Денеска со поддршка на пратениците од мнозинството, тој поднесе Предлог на закон за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка, со кој се предвидува возачот кој поседува возачка дозвола од Б категорија, да има право да управува мотоцикли со автоматски менувач од категоријата „А1“, чија зафатнина на моторот не е поголема од 125 м3 и чија сила на моторот не е поголема од 11 КW, a соодносот на јачината на моторот и масата на возилото не надминува 0.1 KW/кг., што е во согласност со европските практики.

Дополнително, се воведуваат и безбедносни услови:

  • најмалку 5 години поседување Б категорија
  • возачот да има наполнети 23 години
  • дополнителна обука (4 часови теоретска обука)

Ваква можност веќе постои во повеќе европски земји, но не како унифицирана ЕУ регулатива, туку како национални решенија. Држави каде што е дозволено управување на мотоцикл до 125 см³ со Б категорија (под одредени услови) се, меѓу другите: Шпанија, Франција, Италија, Германија, Австрија, Белгија, Чешка, Грција, Португалија, Полска, Луксембург и други.

Овој модел се смета за успешен чекор кон намалување на сообраќајниот метеж и загадувањето во урбаните средини.

Зошто ова е важно?

Според Арсоски, интересот за 125cc мотоцикли е огромен, особено како практична алтернатива на автомобилите во град:

Придобивките се повеќекратни – од еколошки до сообраќајни. Мотоциклите од категоријата А1 претставуваат практично и економично превозно средство, кое зафаќа помал простор при движењето по патиштата и при паркирањето. Ако имаме предвид дека еден автомобил зафаќа простор за 3-4 мотоцикли на крстосница или на паркинг-место, доколку граѓаните помасовно се определат за користење мотоцикл, за приближно толку очекуваме намалување на метежот на улиците, проточноста во сообраќајот и на паркинг-местата

Со оваа измена, значително повеќе луѓе би се охрабриле да преминат на две тркала, без потреба да полагаат целосна А категорија.

За нас пак, важно е и затоа што потенцијално добиваме повеќе браќа на две тркала – за многумина ова ќе биде првиот чекор, кој подоцна води кон поголем мотор, А категорија и вистинско влегување во мото светот.

Поддршка од мото заедницата

По нашата комуникација со пратеникот Арсоски, motori.com.mk ја сподели информацијата и со Мото Асоцијацијата на Македонија на МК мото клубови (МАМ), со која имаме официјална соработка.

МАМ како претставник на мото заедницата оствари средба во Собранието, со цел да даде поддршка и дополнителен импулс на иницијативата, а нивната вклученост е важен сигнал дека мото заедницата стои зад оваа промена.

Дали конечно доаѓа промената што сите ја чекаме?

Ако предлогот помине, Македонија ќе се приклучи кон европските земји кои веќе ја имаат оваа пракса, а тоа би значело вистинска револуција за урбаната мобилност и мото културата кај нас.

Останува да видиме дали април ќе биде месецот кога оваа долгогодишна иницијатива конечно ќе стане реалност.

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: