Harley-Davidson ја проширува својата понуда за моделската 2027 година со три нови мотоцикли од семејството Grand American Touring, со кои американскиот производител става поголем акцент на перформансите во туристичкиот сегмент. Новите Road King ST, Street Glide ST и Road Glide ST добиваат помоќна верзија на Milwaukee-Eight 117 агрегатот, подобрена суспензија и сопирачки, но новитетите не завршуваат тука. Super Glide се враќа во редовно производство, Deadwood станува дел од европската понуда, а семејството CVO за следната сезона ќе брои пет модели.
Три нови Touring модели со 117 КС
Во срцето на новите ST модели се наоѓа Milwaukee-Eight 117 High Output, V-Twin агрегат со работна зафатнина од 1.923 кубни сантиметри, кој развива 117 КС при 5.020 вртежи во минута и максимален вртежен момент од 178 Nm при 3.750 вртежи. Во споредба со стандардната верзија на Milwaukee-Eight 117 која се користи кај туристичките модели, моќноста е зголемена за 7,5 проценти.
Покрај дополнителната моќност, Harley-Davidson направи промени и кај преносот, а сите три модели добиваат Brembo сопирачки, превртена предна вилушка од Showa и поквалитетна задна суспензија. Целта е да се подобрат динамичките карактеристики на мотоциклите без притоа да се изгубат удобноста и практичноста по кои е препознатливо семејството Grand American Touring.
Особено интересен е Road King ST, кој нуди поинаква интерпретација на класичниот американски bagger, без големата предна маска карактеристична за Street Glide. Редизајнираното куќиште на предното светло, изменетите елементи на каросеријата и нископрофилната конзола на резервоарот му даваат посовремен изглед, задржувајќи го препознатливиот карактер на Road King.
„Секој ST модел ги нуди сите дизајнерски елементи и технологии што ги ценат љубителите на Touring мотоциклите, но ги подигнува перформансите на повисоко ниво во секој поглед. ST моделите изгледаат брзо, звучат брзо – и навистина се брзи“, изјави Арти Старс, претседател и извршен директор на Harley-Davidson.
Super Glide се враќа, Deadwood пристигнува во Европа
По своето деби во ограничена серија во 2026 година, Super Glide се враќа во редовно производство и од следната сезона ќе биде достапен на светските пазари во три нови комбинации на бои. За европските купувачи дополнителен новитет е Deadwood, модел со робустен изглед и нагласен индивидуален карактер. Двата мотоцикли го користат Milwaukee-Eight 117 Classic агрегатот со зафатнина од 1.923 кубни сантиметри, кој развива 92 КС и 156 Nm вртежен момент.
Со овие два модела, семејството Cruiser за 2027 година ќе брои вкупно осум мотоцикли. Low Rider S и Low Rider ST, покрај досегашната Black Trim изведба, ќе бидат достапни и со хромирани елементи во новата Chrome Trim верзија, додека Breakout на европскиот пазар ќе добие нов изглед со црни детали. Во понудата остануваат и добро познатите Heritage Classic, Fat Boy и Street Bob.
Harley-Davidson истовремено одговори и на барањата на купувачите за враќање на класичната црна боја. Vivid Black повторно станува основна боја кај најголемиот дел од моделите, заменувајќи ја досегашната Dark Billiard Gray.
Пет ексклузивни CVO модели
На врвот на понудата и понатаму остануваат мотоциклите од програмата Custom Vehicle Operations (CVO). За 2027 година Harley-Davidson подготви пет модели: CVO Road Glide, CVO Street Glide ST, CVO Road Glide ST, CVO Street Glide Limited и трициклот CVO Street Glide 3 Limited.
Најголем акцент на перформансите е ставен кај двете ST верзии, кои се придвижувани од Milwaukee-Eight 121 High Output агрегат со зафатнина од 1.977 кубни сантиметри, моќност од 128 КС и максимален вртежен момент од 193 Nm. Тие добиваат нови Screamin' Eagle/Öhlins компоненти на предната и задната суспензија, развиени и проверени во тркачки услови, како и Brembo Hypure сопирачки.
Останатите три CVO модели користат Milwaukee-Eight VVT 121 агрегат со варијабилно управување на вентилите. За целото семејство CVO се подготвени и шест нови ексклузивни комбинации на бои и графики, кои ќе се нанесуваат во фабриката со посебни техники на боење.
Iron & Ink – инспирација од светот на тетоважите
Персонализацијата отсекогаш била важен дел од културата на Harley-Davidson, а за 2027 година производителот подготви нова ограничена серија под името Iron & Ink. Графиките се инспирирани од уметноста на тетовирањето и ќе бидат достапни исклучиво за Street Glide и Road Glide во Black Trim изведба. Производството е ограничено на 2.000 примероци од секој модел.
За Low Rider S и Low Rider ST, пак, е резервирана новата Lunar Divide комбинација од програмата Factory Custom Paint & Graphics. Таа ги спојува сјајната Vivid Black и матната Black Denim боја, разделени со тенка црвена линија. Станува збор за фабрички изведена графика, наменета за купувачите кои сакаат поиндивидуален изглед без дополнително боење на мотоциклот по неговото купување.
Harley-Davidson 2027 – технички податоци за новите и обновените модели
| Модел | Зафатнина | Моќност | Вртежен момент |
|---|---|---|---|
| Super Glide | 1.923 cm³ | 92 КС | 156 Nm |
| Deadwood | 1.923 cm³ | 92 КС | 156 Nm |
| Breakout | 1.923 cm³ | 105 КС | 168 Nm |
| Road King ST | 1.923 cm³ | 117 КС | 178 Nm |
| Street Glide ST | 1.923 cm³ | 117 КС | 178 Nm |
| Road Glide ST | 1.923 cm³ | 117 КС | 178 Nm |
| CVO Road Glide | 1.977 cm³ | 117 КС | 183 Nm |
| CVO Road Glide ST | 1.977 cm³ | 128 КС | 193 Nm |
| CVO Street Glide ST | 1.977 cm³ | 128 КС | 193 Nm |
| CVO Street Glide Limited | 1.977 cm³ | 117 КС | 183 Nm |
| CVO Street Glide 3 Limited | 1.977 cm³ | 117 КС | 182 Nm |
Техничките податоци се прелиминарни и подлежат на промени.
Со новите модели, како и со претходно најавениот Sprint 440, Harley-Davidson во 2027 година ќе располага со поширока понуда која опфаќа различни сегменти и стилови на возење. Особено значајно за европскиот пазар е проширувањето на Cruiser семејството, додека со новите ST модели американскиот производител дополнително го зајакнува своето присуство во сегментот на туристички мотоцикли со нагласени спортски перформанси.



Коментари