Кинескиот производител ZXMOTO, кој оваа сезона бележи одлични резултати во WorldSSP шампионатот, ја проширува својата понуда со новиот спортски модел 820RR-R и нејкед верзијата 820R. Со овие машини, компанијата ја зацврстува својата позиција на пазарот, нудејќи перформанси кои сериозно им конкурираат на етаблираните брендови.
Моделот 820RR-R е напредна верзија на 820RR, мотоцикл со кој Валентин Дебиз досега освои шест победи во WorldSSP во 2026 година, вклучувајќи двојни победи на трките во Португалија и Чешка. Во својата дебитантска сезона, ZXMOTO моментално е трет во производителскиот пласман, веднаш зад Ducati и Yamaha. Тоа значи дека е пред имиња како Triumph, Kawasaki, Honda и MV Agusta. Конкурентниот кинески бренд QJMotor моментално се наоѓа на последното место.
ZXMOTO 820RR-R, верзија со подобрени спецификации на мотоциклот која моментално импресионира во WorldSSP
Подобрени перформанси на 820RR-R
Иако ја дели алуминиумската шасија и 819-кубичниот трицилиндричен агрегат со стандардниот 820RR, верзијата RR-R добива зголемен степен на компресија од 13,3:1 (наспроти 13,0:1) и титаниумски вентили. Овие измени ја зголемуваат силата од 135 КС на 145 КС, при што максималната моќност се достигнува на 13.500 вртежи, додека „црвеното поле“ е поставено на 14.750 вртежи.
Мотоциклот тежи 186 килограми со сите течности, што е за околу 7 килограми помалку од 820RR, делумно благодарение на кованите алуминиумски тркала. За потпирањето се задолжени новата целосно прилагодлива 43-милиметарска KYB предница и KYB моноамортизер, додека за запирањето се грижат Brembo M50 сопирачки наместо Taisko четири-клипните сопирачки кај 820RR. Brembo исто така ги испорачува главниот цилиндар и задната сопирачка. Овој модел поседува пет режими на возење и пакет електроника управувана од IMU, вклучувајќи контрола на тракција во свијоци и ABS чувствителен на наклон. Дополнително, опремен е со 6,2-инчен TFT дисплеј со Android, систем за следење на притисокот во гумите, двонасочен квикшифтер, систем за палење без клуч, двокоморски амортизер за управувачот и прилагодливи потпирачи за нозе.
Нејкед верзијата 820R
ZXMOTO истовремено го лансираше и 820R, нејкед модел базиран на истиот агрегат и шасија како основниот 820RR. Овој модел испорачува 135 КС при 12.000 вртежи, а користи компоненти за потпирање и сопирање од кинеските брендови Yu’an и Taisko. И покрај тоа што е нејкед, поседува напредна опрема како систем за палење без клуч, систем за следење на притисокот во гумите и шестоосен IMU.
820R NAKED е базиран на спортскиот мотор 820RR
Невообичаени правила за продажба
Основачот на компанијата, Џанг Сју, воведе строга политика за продажба на новите 820 модели во Кина. Заради безбедност, мотоциклите не се продаваат на возачи со помалку од една година искуство. Предупредувањето гласи:
Мотоциклите од серијата 820 се премногу моќни за почетници; од безбедносни причини, на возачите со помалку од една година искуство им е забрането да ги купуваат.
Компанијата нуди и парична награда за секој што ќе пријави продажба направена спротивно на ова правило.
Секој што ќе открие купувач со помалку од една година искуство како купува мотоцикл од серијата 820, може да го пријави тој купувач во фабриката. По верификацијата од страна на фабриката, пријавувачот ќе биде награден со 5.000 јуани.
Цената на 820RR-R на кинескиот пазар изнесува околу 8.400 евра, додека 820R се нуди за околу 5.600 евра. За споредба, во Кина еден Yamaha YZF-R9 чини околу 18.400 евра. ZXMOTO ја започна својата експанзија, со најави за пристигнување на 500RR и MX250 во Велика Британија, додека 820RR и 500F се очекува да пристигнат во 2027 година.



Коментари