(Време на читање: 2 - 3 минути)


Барселона воведува практични мерки за подобрување на безбедноста и протокот на моторциклистичкиот сообраќај, што отвора прашање зошто градовите во Македонија сè уште ги игнорираат моторџиите.

Во многу европски градови со години постои впечаток дека приватниот транспорт е непријател број еден. Направени се зони во кои смеат да се возат само возила со ниски емисии, a намаленото паркирање и мерките за намалување на брзината на сообраќајот често ги оставаат моторџиите како колатерална штета во борбата против автомобилите. Барселона, пак, избира поинаков пристап.

barselona zona za motori

Наместо да ги третира моторите како дел од проблемот, каталонската престолнина најави пакет мерки што треба да го направат возењето побезбедно и полесно, прифаќајки ја улогата на моторите во подобрувањето на протокот на сообраќајот во еден од европските градови со најголема сообраќајна гужва.

Плановите вклучуваат нови зони за застанување на семафори, каде моторџиите добиваат посебен простор пред другите возила. Градот го проширува и уличното бесплатно паркирање за мотори, со цел постепено да ги тргне илјадниците мотори од тротоарите и да ги премести во јасно обележани паркинг-зони — намалувајќи конфликти со пешаците и олеснувајќи го паркирањето.

Наместо да им го отежнува животот на моторџиите, Барселона прифаќа дека секојдневно илјадници луѓе се возат на две тркала. Ако тие возачи се обесхрабрат, многумина би преминале на автомобили - што би ја зголемило гужвата, наместо да ја намали.

Овој пристап е поддржан и од експертите за безбедност. Инфраструктура специфична за мотори, појасно одбележани раскрсници, боја за одбележување која не лизга и мерки што ги одвојуваат моторџиите од поголеми возила можат значително да ги намалат незгодите и да го подобрат сообраќајот.

Иако бројот на моторџии во Барселона е многу поголем отколку во Скопје, споредбата со Македонија е неизбежна. Моторите често се промовираат како решение за гужвите и намалување на загадувањето, но инфраструктура речиси и да нема. Стоп-зони за мотори не постојат, безбедното паркирање е ретко, а многу локални власти сè уште ги гледаат моторите како нешто што треба да се искорени наместо да се промовира.

Тоа е спротивно на фактот дека моторите заземаат минимален простор, трошат помалку гориво и ја намалуваат гужвата во шпицот. Барселона го препознава ова - не нуди „посебен третман“, туку едноставно прифаќа дека ако моторите се дел од современиот транспорт, улиците треба да го одразуваат тоа.

Можеби токму ова е лекцијата што македонските градски татковци треба да ја разгледаат. Наместо да го отежнуваат животот на моторџиите, можат да си го постават едноставното прашање: ако еден од најголемите европски градови може да ги дизајнира улиците со моторите на ум, зошто ние не можеме?

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: