Македонија официјално се приклучи кон глобалната Ducati заедница — со формирањето на Ducati Official Club Macedonia, првиот признат DOC клуб во земјава. По речиси една година подготовка, група ентузијасти успеа да го донесе брендот поблиску до локалните Дукатисти, отворајќи ново поглавје за сите љубители на италијанската мото-култура. Во продолжение го пренесуваме интервјуто со Маријан Костовски, каде откриваме како се роди идејата, што значи да се биде дел од DOC, и што ги очекува членовите.
Како се роди идејата за основање Ducati Official Club во Македонија?
Идејата се роди во 2023 година. Се подготвувавме да одиме на WorldDucatiWeek2024 и сакавме да отидеме како официјален клуб.
Што беше потребно клубот да биде официјално признаен од Ducati?
Најпрво потребно беше да основаме клуб на локално ниво. Потоа сето тоа беше презентирано директно до Ducati. Следно, беше изборот на лого што исто така се прави според правилник на Ducati и оди на одобрување кај нив. Потоа се презентираат планирани настани (минимум три годишно) и се потпишува потребната документација за соработка помеѓу DOC клубот и Ducati. Процесот траеше некаде околу 8–9 месеци.
Каква поддршка и соработка очекувате од Ducati?
Имаме право на користење логоа за сите официјални настани. Секогаш сме информирани за тековните и нови модели на Ducati. Добиваме информации за сите официјални и локални настани кои може да ги следиме преку DOC платформата направена за клубовите. Секоја година потпишуваме нов договор помеѓу клубот и Ducati. Со досегашните активности се надевам дека соработката ќе продолжи и наредната година.
Колку членови имате во моментов?
Во моментот имаме 20 активни члена и 15 нови апликации што ни се во процес.
Какви придобивки имаат членовите?
Прво имаат чест да бидат дел од Ducati заедницата. Во тек ќе бидат со сите локални и глобални случувања во врска со настани. Со самото станување DOC член има поволности и намалувања околу картите за глобалните настани, поволности за карти за MotoGP случувањата во Италија (Мисано и Муџело), исто може да бидат дел од навивачите на NuvollaRossa трибината. Членовите на DOC имаат бесплатен влез во музејот на Ducati и бесплатни тури низ фабриката на Ducati во Болоња. Со секоја чланарина членовите добиваат Welcome Kit што секоја година е биде различен.
Дали клубот е наменет само за искусни возачи или се добредојдени и почетници?
Клубот е наменет за сите Дукатисти и за сите фанови на Ducati, што значи не мора да си моторџија и не мораш да возиш стриктно Ducati за да бидеш член на клубот. Секој што сака да ги прати трендовите и случувањата поврзани со Ducati заедницата е добредојден.
Каква е Ducati-сцената во Македонија денес?
Јас мислам дека за волку мала држава имаме одличен број на Дукатисти и бројот расте од година на година, што е убаво за заедницата и брендот.
Кои модели се најпопуларни меѓу македонските Дукатисти?
Сите модели се популарни - од Scrambler до Multistrada, кои воедно се и најбројни модели, а нормално најпосакуван е моделот Panigale.
Што, според вас, го издвојува Ducati од другите мото-брендови?
Ќе набројам три работи: стил, перформанси и софистицираност. Стил: од секогаш Ducati дизајнирал безвременски дизајни кои траат низ годините (италијански дизајн што никогаш не умира). Перформанси: во сите модели запазени се изборот на машина, изборот на материјали, изборот и начинот како да се направи шасијата полесна (полесен мотор — подобри перформанси). За сите модели има опција за надградување на перформансите и подобрување на специфичниот препознатлив звук на Ducati. Софистицираност: електроника директно префрлена од MotoGP — напредни системи развиени ексклузивно за Ducati (системи за пролизгување, ABS за сопирање во кривина, DQS за менување брзини без квачило итн). Исто така најпозната технологија на Ducati е Desmodromic (технологија на работа на вентили патентирана од Ducati).
Дали сопствениците во Македонија имаат соодветна сервисна и техничка поддршка?
Да, нормално. Техничка и сервисна поддршка има во Македонија иста како што ќе ја добиете во Европа или било каде во светот. Од 2025 Макаутостар е увозник за Ducati и има современ и опремен сервис за работа со обучени луѓе и целосна поддршка од Ducati.
Какви активности планирате во првата година?
Веќе имавме два успешни настани - We Ride As One (на исти ден излегуваат сите Дукатисти од светот да возат заедно како единка) и WorldDucatiWeek (светски Ducati настан што се случува секои две години и се одвива трка Race of Champions со тековните возачи во сите првенства на Ducati фабрички моторцикли). Нареден настан ни е месецов во Бугарија каде Ducati организира Ducati Balkan Track Days на новата патека A1 Motor Park, каде секој може да отиде со својот моторцикл и да го види и научи потенцијалот на моторциклот на патека со инструктори; исто така може да се пробаат други модели. Наредни настани ни се заедничко следење на тековните првенства MotoGP во Мисано и Валенсија и Ducati Days Cinque Laghi каде за викенд се прави еден круг и се поминуваат пет езера низ убавата западна Италија.
Дали планирате соработка со Ducati клубови од соседните земји?
Нормално дека да. Со DOC Србија веќе се имаме дружено на неколку наврати и настани. Оваа година имавме шанса поубаво да се запознаеме со клубовите од Словенија, Хрватска, Германија, Италија, Швајцарија, Мексико, Португалија. Како што кажав, на крајот на месецов одиме на евент кој го организира Ducati Бугарија.
Ќе учествувате ли на меѓународни настани, како World Ducati Week?
Учествувавме на WDW2024 како фанови, додека годинава учествуваме на WDW2026 како официјален клуб конечно. Од Македонија имавме 25 ентузијасти што беа на овогодишниот Ducati World Week, кој беше јубилеен и воедно 100-ти роденден на Ducati.
Што би му порачале на некој што размислува да го купи својот прв Ducati?
Дека нема да згреши во изборот. Секој модел на Ducati си е посебен на свој начин и тоа е убавината во брендот. Со купувањето на првиот Ducati моторцикл е секогаш убаво чувство и се развиваат првите емоции кон брендот.
Како заинтересираните можат да ве контактираат и да станат дел од клубот?
Најлесниот начин е преку апликацијата MyDucati. Се креира акаунт и во самата апликација ви дава да го изберете најблискиот клуб до вас локациски. Од кога ќе испратите дека сакате да пристапите до клубот, ви стигаат директно инструкции на мејл од истиот клуб. Вториот начин е директно да го исконтактирате клубот преку мејл. Третиот начин е да пополните апликација за пристапување кон клубот (апликации има во официјалниот дилер на Ducati — Мак Аутостар).

Коментари