Suzuki официјално ја потврди својата моделска гама за 2027 година, а главната вест е долгоочекуваното враќање на легендарниот GSX-R. Моделот се враќа како комплетно освежена серија од три варијанти, со што се одбележува 40-годишнината на овој модел, опремен со нова електроника, ревидирани внатрешни компоненти и целосна усогласеност со Euro 5+ стандардите. По отсуството од клучните глобални пазари од околу 2024 година, ова враќање е значајна корекција на курсот за компанијата.
Иако се води како дел од моделите за 2027-ма година, клиентите веќе можат да го нарачаат новиот модел и да го добијат наскоро. Покрај супербајкот, Suzuki го претстави и новиот SV-7GX, спортски кросовер од средна класа кој го користи докажаниот 645cc V-twin агрегат. Со овие новитети, компанијата се враќа на пазарот, нудејќи им на купувачите во сегментите на литарската класа и средната класа сериозни нови опции.

Три варијанти на GSX-R1000
Серијата GSX-R1000 за 2027 година доаѓа во три изданија како 40th Anniversary Edition: основниот GSX-R1000 по препорачана цена од околу 18.000 евра, GSX-R1000R за 19.990 евра и предводникот GSX-R1000RS за 23.900 евра. За македонскиот пазар потврдена е цената за GSX-R1000R моделот. Сите три модели ги придвижува истиот 999,8cc четирицилиндричен агрегат со течно ладење, кој сега има зголемена компресија од 13,8:1 и преработени внатрешни компоненти за полинеарна испорака на вртежниот момент. Suzuki не објави официјална бројка за максимална моќност, но тврди дека ова е најбрзиот GSX-R1000 во историјата на моделот.
Основниот модел е наменет за возачите кои го сакаат GSX-R искуството без непотребни додатоци за патека. Верзијата R додава Showa BFF суспензија со прилагодливи точки на вртење на задната вилушка, панцир црева за сопирачките и Brembo радијални клешти. Највисоката RS варијанта вклучува карбонски крилца, инспирирани од тркачкиот програм на Suzuki од трката „8 часа на Сузука“. Сите модели стандардно доаѓаат со Bosch шестооскен IMU систем и Suzuki Smart TLR контрола, која ги интегрира тракцијата, контролата на вртење и ограничувањето на подигнувањето на предното тркало, заедно со двонасочен квикшифтер. Сепак, основниот и R моделот користат LCD инструмент табла наместо TFT, а електрониката ги заклучува контролите во претходно дефинирани комбинации, што оневозможува независно прилагодување.
SV-7GX: Новиот V-twin адут
SV-7GX се позиционира како исклучително практичен модел, со почетна цена од околу 9.000 евра за верзијата SV-7GXV. Агрегатот е добро познатиот 645cc V-twin со агол од 90 степени, прилагоден за Euro 5+ нормите, кој испорачува 72,4 КС и 47,2 lb-ft вртежен момент.
Опремата вклучува „ride-by-wire“ гас, три режими на возење, тристепена контрола на тракцијата, двонасочен квикшифтер и 4,2-инчен TFT дисплеј со поврзување преку Suzuki Ride Connect+. За удобно патување, моторот е опремен со ветробран прилагодлив во три позиции, интегрирани штитници за раце и заден носач. Со тежина од 211 килограми и висина на седиштето од 79,5 сантиметри, овој модел е достапен и за возачи кои преминуваат од помали машини.



Коментари