MotoGP направи значајни промени во правилникот со цел зголемување на безбедноста, а првите новитети ќе стапат на сила на претстојното Гран При на Холандија во Асен.
Комисијата потврди дека од овој викенд ќе биде забранета употребата на предните „holeshot“ уреди, додека од Германското Гран При ќе биде изменет и распоредот на стартниот грид.
Предните „holeshot“ системи се користат при стартот за привремено спуштање на предниот дел од мотоциклот, што овозможува подобро забрзување и помало подигнување на предното тркало. Иако целосната забрана на сите ride-height уреди беше предвидена за 2027 година, MotoGP одлучи забраната за предните системи да ја воведе порано поради безбедносни причини.
Овие уреди бараат силно сопирање за нивно деактивирање пред првиот свиок, што во одредени ситуации може да создаде дополнителен ризик за возачите кои се наоѓаат веднаш зад конкурентите. Веќе го видовме ова на некои од последните трки. Одлуката беше донесена по консултации со тимовите и по дополнителните тестирања на стартови за време на викендот во Брно.
Растојанието меѓу редовите ќе се зголеми
Втората важна промена се однесува на стартниот грид. Од трката на Заксенринг во Германија растојанието меѓу редовите ќе се зголеми од девет на дванаесет метри, додека просторот меѓу поединечните возачи ќе порасне од три на четири метри. Форматот со три возачи во еден ред останува непроменет, но сега со повеќе простор со цел да се намали ризикот од инциденти во првиот свиок. Оваа промена ќе важи за сите категории под капата на светскиот шампионат.
Измените доаѓаат по неколку сериозни инциденти на стартовите сезонава, кои повторно ја отворија дебатата за безбедноста при влегувањето во првиот свиок кога сите возачи се во група со минимално растојание.
Покрај овие мерки, потврдена е и нова регулатива според која од 2028 година ниту еден производител нема да смее да има повеќе од шест мотоцикли на гридот. Практично, тоа значи дека една фабрика ќе може да снабдува максимум два сателитски тима покрај сопствениот фабрички тим. Правилото ќе важи доколку во шампионатот продолжат да настапуваат најмалку пет производители.
Со овие одлуки MotoGP испраќа јасна порака дека безбедноста станува сè поголем приоритет во пресрет на новата техничка ера која започнува во 2027 година, додека промените што се воведуваат уште сега треба да придонесат за побезбедни стартови.

Коментари