CFMOTO ја претстави новата 675NK Aspar Edition, специјална и ограничена серија на својот „street fighter“ модел, која директно ја црпи инспирацијата од мотоциклите на тимот Aspar со кој брендот се натпреварува во Moto2 и Moto3 шампионатите.
Champion Blue бојата и изгледот јасно потсетуваат на 675NK GP Concept претставен на EICMA 2025. Моделот ќе биде достапен во ограничен број примероци, со очекувана цена од 6.875 евра, што е за 380 евра повеќе од стандардната изведба.
Под оклопите се наоѓа истиот трицилиндричен агрегат од 675 кубика, кој испорачува 90 КС при 11.000 вртежи во минута и 68 Nm вртежен момент. Моторот е спарен со шестстепен менувач, опремен со систем за брза промена на брзини (quickshifter), анти-хоп куплунг и контрола на тракција со две нивоа. Производителот нагласува дека агрегатот нуди експлозивен карактер на високи вртежи, но и одлична прогресивност при ниски и средни оптоварувања.
Врвна опрема и компоненти
Шасијата, ссуспензијата и сопирачките се на високо ниво. 675NK Aspar Edition користи целосно прилагодлива предна KYB вилушка од 41 mm и заден амортизер со можност за подесување на преднапрегањето и повратот, сите со потпис на KYB. За сопирањето е задолжен шпанскиот производител J. JUAN, а предните дискови вклучуваат специјални канали за ладење на клештите, технологија директно пренесена од тркачките патеки која ја подобрува аеродинамиката и стабилноста.
Мотоциклот стандардно доаѓа со полу-слик гуми CST Ride Migra S3R. Технолошкиот пакет вклучува 5-инчен закривен TFT дисплеј, систем за следење на притисокот во гумите (TPMS), како и напредна конекција преку апликацијата CFMOTO Ride и опционалниот T-BOX систем, кој овозможува GPS следење во реално време и безбедносни предупредувања.
Моделот е веќе достапен во официјалните салони и се нуди во две верзии: „full power“ и ограничена варијанта од 47 КС, прилагодена за возачи со А2 категорија.





Коментари