Понеделник, убав ден да започнеме со една нова содржина, нова серија интервјуа со локални мото јунаци! 

Baze BMW

#ТОП 3 ќе биде серија интервјуа во која од нашите соговорници ќе бараме да наведат свои топ 3 работи, луѓе, места... итн. кои се на врвот на нивните приоритети, искуства, желби и сл. Планот е во серијалот да вклучиме голем број локални возачи со различни вокации, професионалци, аматери, шетачи, организатори... 

А со кого да започнеме ваква содржина ако не со човекот кој лично го има дигнато motori.com.mk чие име е синоним за се што е поврзано со мотори на локалната сцена. Не, не си прави сам на себе интервју.. :D

#ТОП3 мотори кои си ги поседувал?

На прво место би ја ставил Aprilia RSV4, чудо од мотор, со цела технологија на него, лесен за возење, мотор кој простува грешки и го вади максимумот од возачот. Едноставно број 1. Втор би бил Kawasaki ZX-6R, многу лесен и управлив мотор, а доволно брз да се држи и со „големите момци“. Трето место за Suzuki GSX-R 750, според мене идеален брзински мотор за во Македонија, побрз од 600-ка, а полесен, помалку грее и поевтин за одржување од 1000-ка.

Е сега немав време за подобро да се запознаам со S1000RR, сигурен сум дека ќе биде во листава затоа што е љубов на прв поглед :)

gixxermkd baze

#ТОП3 мото собири на кои си присуствувал

Од 2005-та до сега сум бил на премногу мото собири, журки и забави и ќе ми биде тешко да одвојам 3. Би ги ставил на листава првиот мото собир во Мариово, потоа журката на Мото Струга, а собирите на МК Мечки и МК Свети Николе ми биле омилени и со душа сум ги чекал. Уживав на собирите на сите наши MC клубови, а генерално ми се допаѓаат настани на кои има интересни работи... дефилето низ Велес, одбраната екипа на Плачковица со Џинки, бањање во Бел Рај, уживање во убавините на Охрид, дружбата со Тиквеш Рајдерс, Конзули секој пат биле одлични домаќини... се си има своја убавина. Имам премногу убави спомени од многу настани и не би можел да одвојам само 3.

#ТОП3 хуманитарни мото-акции

Дедо Мраз на мотор, крводарителни акции, акции за помош... имаше многу, успешни беа затоа што моторџиите се најдобрите луѓе на Светот. Едноставно за што и да треба да се помогне не треба да се каже два пати, не познавам моторџија кој не се одзвал на хуманитарна акција.

#ТОП3 статии на motori.com.mk

Тешко прашање... Ако гледаме по статистика, мислам дека се статиите за цени на нови мотори, содржини со попусти од продавници и содржини од советите кои ги имаме. Лично мене нај омилена содржина која сум ја напишал ми беше сторијата за планот за изградба на тркачка патека во Македонија, за жал короната го одложи стартот на овој проект но искрено се надевам дека наскоро ќе биде реализиран. Потоа би ги додал сториите од категоријата совети како и интервјуата со многу познати имиња од мото светот.

Blagona martinovski 87

#ТОП3 MotoGP возачи на сите времиња

Валентино Роси. Кејси Стонер. Марк Маркез. Роси е MotoGP, MotoGP е Роси. Легенда на мотоспортот и мислам дека не треба да давам некое посебно објаснување зошто е на листава. Кејси Стонер, човекот кој знаеше да го скроти секој мотор, страшно добар возач кој за жал премногу рано се пензионираше, а можеше да покаже многу. Маркез, фантастичен возач, супер човек за комуникација, штета што ја нема харизмата на Роси и што правеше педерски работи (педерски како карактерна особина, не како сексуална определба).

#ТОП3 тркачки патеки

Муџело, патека која ја обожавам, не знам дали е заради публиката, местоположбата или што е, но на Муџело има магија која тешко се објаснува, треба да се доживее. Следна патека би рекол дека е Валенсија, можеби бидејќи е последна трка во календарот па со тешко срце ја гледаме знаејќи дека не очекува пауза и од возење и од гледање. Мизано, слично како и на Муџело ја има магијата на публиката, плус е патека со технички делови и брзи свиоци што придонесува трките да бидат вистинско уживање. А после трка, директ на плажа и уживање во ривиерата.

Back To Top