На 5 септември Скопје ќе биде домаќин на Vespa Grand Prix Skopje – целодневен настан посветен на Vespa културата, дружењето и натпреварувачкиот дух, а поводот годинава е посебен: легендарната Vespa слави 80 години.
Настанот ќе се одржи на големиот паркинг кај СЦ „Борис Трајковски“, спроти базенот, со почеток во 10:00 часот. Влезот за посетителите е слободен, а за сите кои ќе пристигнат со мотор ќе биде обезбеден посебен паркинг во рамки на настанот.

Три дисциплини за Vespa возачите
Натпреварувачкиот дел е резервиран за сопствениците и возачите на Vespa, кои ќе можат да ги одмерат своите вештини во три различни дисциплини.
На програмата се споро возење, каде најважни ќе бидат балансот и контролата, Gymkhana на специјално подготвен полигон и најбрзо возење на 60 метри, каде главниот збор ќе го има штоперката.
Учесниците ќе можат да се пријават во една, две или во сите три дисциплини, а за најуспешните се предвидени награди. Ќе биде избрана и Best in Show Vespa, односно најубавата Vespa на настанот.
Музика, храна и дружење во текот на целиот ден
Vespa Grand Prix Skopje нема да биде настан само за оние кои ќе се натпреваруваат. Организаторите од Vespa Club Skopje подготвуваат целодневна програма со музика, храна и дружење за сите љубители на моторите и италијанската култура.
Во текот на денот ќе има DJ сетови, а во попладневните часови е најавен и двочасовен настап на Калина & Гуру Харе бенд. Во духот на Италија, посетителите ќе можат да уживаат и во сендвичи, пица, италијанско кафе и друга храна и пијалоци.
80 години Vespa – од Рим до Скопје
Годинава Vespa одбележува осум децении од своето создавање во 1946 година, а јубилејот има дополнително значење и за Vespa Club Skopje.
Осум членови на клубот годинава со своите Веспи го поминаа патот од Скопје до Рим, долг речиси 2.000 километри, каде беа дел од големата прослава на 80-годишнината. Дел од атмосферата и Vespa духот од Рим сега сакаат да го пренесат и во Скопје.
„Ве каниме на одлично дружење, храна и музика“, порачува претседателот на Vespa Club Skopje, Митко Теохаров, додавајќи дека за сите посетители кои ќе пристигнат со мотор ќе има обезбеден паркинг во рамки на настанот.
Vespa Grand Prix Skopje се одржува на 5 септември 2026, од 10:00 часот, на големиот паркинг кај СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Коментари