Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја стартува новата кампања посветена на унапредување на безбедноста на мотоциклистите. Активностите ќе се реализираат во соработка со Министерството за внатрешни работи, Факултетот за безбедност – Скопје и Мотоциклистичката федерација на Македонија.
Зголемената мобилност и сè поголемото присуство на мотоцикли во сообраќајот ја нагласуваат потребата од дополнителна внимателност. Мотоциклистите и понатаму се една од најранливите категории учесници во сообраќајот, а кампањата има за цел да ја подигне свеста за ризиците, да поттикне одговорно однесување и да ја зајакне културата на меѓусебно почитување.
Под мотото „ВозиОдговорно – Секој живот е важен“, РСБСП испраќа јасна порака: безбедноста не е избор, туку обврска за секој учесник во сообраќајот.
Возењето мотоцикл бара висока концентрација, дисциплина и строго почитување на правилата, но истовремено бара и зголемена внимателност од другите возачи. Непочитувањето на сообраќајните прописи од која било страна може да доведе до сериозни последици.
Апел до сите учесници во сообраќајот
-
До мотоциклистите: користете заштитна опрема, возете одговорно и секогаш согласно правилата.
-
До возачите на моторни возила: зголемете ја внимателноста, особено при престројување, вклучување и свртување.
-
До институциите: продолжете со зајакнување на превентивните и контролни механизми.
Со заеднички напор, почитување на правилата и континуирана едукација, можеме да создадеме побезбедни патишта за сите.


Коментари