Со стартот на новата сезона, темата за безбедноста на мотоциклистите повторно излегува во прв план. Овојпат ги споредуваме официјалните бројки за мотоцикли во последните 5 години (2021–2025), за да видиме каде сме и во која насока се движиме.

2025: најтежок сигнал во последните 5 години
Во 2025 година имаме:
-
19 загинати
-
461 повреден
-
од нив 150 со тешки телесни повреди
-
311 со телесни повреди
-
За споредба, во 2024 имаше 9 загинати и 393 повредени.
Да, добро читате — бројот на загинати во 2025 е повеќе од двојно зголемен во однос на претходната година.
Трендот е растечки, со краток „пад“ во 2024
Ако ја погледнеме линијата по години, кај повредените има речиси континуиран раст:
Кај загинатите, 2024 изгледа како подобра година (9) по пикот во 2023 (14), но 2025 ја менува целата слика со скок на 19. Со други зборови: 2024 не беше пресврт туку „добра“ година, ако воопшто може да се употреби зборот добра во реченица со загинати.
Број на повредени и загинати мотоциклисти 2021–2025
Извор: ДЗС и МВР (2021–2025). Податоци: мотоцикли (без мопеди).
Кој страда најмногу? – Возачите, убедливо
Според деталните бројки за 2024 и 2025 (МВР), најголемиот товар е кај возачите:
-
2025: 18 од 19 загинати се возачи
-
2024: 8 од 9 загинати се возачи
Ова практично значи дека најризичната група сме ние – луѓето зад управувачот. Совозачите се мал дел од вкупните бројки на загинати, а истиот тренд во статистиката го гледаме и кај повредите.
Што ни кажуваат бројките (и што не ни кажуваат)?
Овие статистики не кажуваат „зошто“ директно – но кажуваат јасно дека ризикот расте. Причините најчесто се комбинација од фактори: поголем број мотори на улица, повеќе километри во сезона, брзини, видливост, инфраструктура, навики, опрема, но и однесување на останатите учесници во сообраќајот.
Токму затоа, наредниот период ќе биде интересен и поради „Сејф Сити“ (Безбеден град) – систем кој во пракса ќе влијае на дисциплината во сообраќајот. Прашањето е: дали ќе добиеме реално побезбеден сообраќај, или само повеќе казни?
Заклучок: бројките се аларм – и не смееме да ги игнорираме
Во последните 5 години, повредите растат стабилно, а 2025 носи најтешка бројка на загинати. Ова е јасен сигнал дека безбедноста на мотоциклистите мора да стане приоритет – и кај институциите (инфраструктура, контроли, едукација), и кај нас самите (опрема, брзина, внимание, видливост, избор на ризици).
Сезоната започнува, отворете четири очи и секогаш носете заштитна опрема!

Коментари