На 13 септември 2007 година беше објавена првата содржина на Motori.com.mk. Денес, точно 19 години подоцна, сè уште сме тука.
Но ако погледнеме наназад, Motori.com.mk никогаш не беше само веб-сајт за мотори.
Во време кога социјалните мрежи практично не постоеја во формата во која ги знаеме денес, форумот на Motori.com.mk стана место каде што се запознаваа моторџии од цела Македонија, се договараа првите заеднички возења, се разменуваа искуства, совети и информации.
Од тие дружења се родија пријателства кои траат и денес, се формираа нови мото клубови, се организираа мото собири, забави и хуманитарни акции. Од луѓе кои дотогаш можеби само се поздравувале кога ќе се разминат на пат, полека се создаваше вистинска мото-заедница.
Не бевме само набљудувачи
Во изминатите 19 години не се обидувавме само да пишуваме за она што им се случува на моторџиите, туку кога можевме, се обидувавме и нешто да промениме.
Заедно со мото-заедницата се боревме за решавање на проблеми кои денес можеби ги земаме здраво за готово.
По иницијатива и петиција поддржана од повеќе од 1.000 моторџии беше овозможен увоз на употребувани мотоцикли произведени за американскиот пазар.
Се изборивме за можност мотоциклите да се регистрираат на период од 3, 6 или 9 месеци.
По реакцијата на мото-заедницата беше променета и одлуката за наплата на паркинг за мотоцикли во Општина Центар, со што беа воведени посебни бесплатни паркинг места за мотори.
Се боревме и против високата цена на зелениот картон.
Тоа беа времиња кога форумот не служеше само за муабет за мотори. Кога имаше проблем, луѓето се организираа, се собираа потписи, се возеше за поддршка, се разговараше со институциите и се бараше решение.
И најважно од сè – се правеше заедно.
Родендени, дружења и хуманитарни акции
Низ годините роденденот на Motori.com.mk беше уште една причина да ги паркираме моторите на исто место и да се собереме.
Од роденденските забави во Скопје, преку дружењата со мото клубовите, па сè до јубилејниот десетти роденден во 2017 година, кој го претворивме во хуманитарна забава и целиот профит го наменивме за помош на наш колега моторџија.
Тоа веројатно најдобро го опишува она што отсекогаш сакавме да биде Motori.com.mk. Не само сајт. Дел од мото-заедницата.
19 години подоцна
Многу работи се променија од 2007 година.
Форумите ги заменија социјалните мрежи, начинот на кој ги читаме вестите е целосно различен, мото индустријата се промени, спортот се промени, технологијата се промени – а се менувавме и ние.
Она што не се промени е причината поради која Motori.com.mk постои.
Моторите.
И луѓето кои ги сакаат.
Денес на Motori.com.mk ги следиме најновите случувања од мото индустријата и мото спортот, но со посебно внимание кон она што ни е најблиску – македонските мотоциклисти и натпреварувачи.
Пишуваме за нивните настапи на домашните и меѓународните патеки, за успесите кои честопати остануваат незабележани во останатите медиуми и за луѓето кои ја пишуваат историјата на македонскиот мотоциклизам.
Покрај дневните вести, на сајтот денес можете да најдете колумни, корисни текстови и совети, интервјуа, тестови, информации за мото клубови и сервиси, ценовник на нови мотоцикли, како и календар со мото настани.
А тука е и нашата огромна фото-архива – повеќе од 73.400 фотографии, кои веќе не се само галерија, туку дел од историјата на македонската мото-сцена.
На нив има трки, собири, возења, клубови, мотори и луѓе. Некои мотори одамна се продадени, некои клубови повеќе не постојат, некои деца од фотографиите денес самите возат мотори.
И токму затоа тие фотографии денес вредат многу повеќе отколку кога биле направени.
Продолжуваме
Деветнаесет години се многу време.
Доволно за од еден мал мото-сајт да остане огромна архива на еден добар дел од историјата на македонската мото-заедница.
Но не го гледаме денешниот ден како момент за гледање само наназад.
Напротив.
Motori.com.mk денес е поактивен од кога било, а имаме уште многу идеи за тоа што сакаме да направиме понатаму.
Затоа, на сите кои во овие 19 години сте отвориле барем еден текст, сте напишале еден пост на форумот, сте дошле на заедничко возење, сте испратиле фотографија или информација, сте помогнале во некоја акција, сте дошле на роденден, сте нè пофалиле или критикувале – ви благодариме.
На сите кои некогаш биле дел од тимот, на мото клубовите, натпреварувачите, соработниците, пријателите и на целата мото-заедница – ова е и ваш роденден.
19 години возиме заедно.
И продолжуваме како никогаш досега.
🏍️ Среќен роденден, Motori.com.mk! 🏍️

Коментари