Ducati се најде на листата на компании што Volkswagen планира да ги продаде или да го намали сопственичкиот удел до 2030 година. Ова произлегува од планот за санација на 147 страници, усвоен од надзорниот одбор на германскиот концерн на 3 септември 2026 година, како одговор на најтешката криза во неговата историја.
Извршниот директор на Ducati, Клаудио Доменикали, ја потврди информацијата, наведувајќи дека италијанскиот бренд е дел од тековните евалуации на акционерот. Иако во јули Доменикали нагласуваше дека Ducati е независен и финансиски стабилен, додека Audi тврдеше дека брендот во тој момент не е на продажба, сега реториката е повнимателна.
Планот за санација, објавен од германскиот магазин WirtschaftsWoche, предвидува радикални промени во работењето на Volkswagen, вклучително укинување на најмалку 50.000 работни места, затворање на четири германски фабрики и интегрирање на брендот Seat во Cupra до 2029 година. Концернот, кој моментално има удели во околу 2.000 компании, планира да го намали или продаде сопствеништвото во повеќе од 700 од нив, со цел да генерира нето готовински тек до 15 милијарди евра до 2030 година.
Ducati не е „неопходна сопственост“
Во рамките на новата стратегија, раководството на Volkswagen го воведува принципот на „неопходна сопственост“ (necessary ownership), при што во сопственост ќе остане само она што е стратешки неопходно за концернот. Ducati, според овој документ, повеќе не се вклопува во таа категорија. Проценетата вредност на Ducati во планот изнесува околу 1 милијарда евра.
Покрај италијанскиот производител на мотори, планот опфаќа и други значајни промени: намалување на уделот во камионската дивизија Traton од 89 на 75 отсто плус една акција (вредност од околу 2 милијарди евра), реструктурирање на Europcar до 2028 година пред можна продажба или излез на берза, како и пренасочување на делови од компанијата за полнење Elli кон Mercedes-Benz и BMW.
Иако документот не прецизира дали се работи за целосна продажба или само за отуѓување на малцински или мнозински удел, јасно е дека Ducati веќе не е приоритет за германскиот гигант. Од Volkswagen засега не даваат официјален коментар за деталите од планот.
Италијанските власти во одбрана на „националното наследство“
Најавите предизвикаа реакција во Италија, каде што Ducati се смета за национално богатство. Министерот за индустрија, Адолфо Урсо, веќе остварил средба со Доменикали, ветувајќи заштита на брендот. Претседателот на регионот Емилија-Ромања, Микеле де Паскале, побара итни консултации за зачувување на „Долината на моторите“ (Motor Valley), додека синдикатите ја следат ситуацијата во соработка со германските колеги.
Ова не е првпат Ducati да се најде во фокусот на потенцијална продажба. Volkswagen истражуваше таква можност уште во 2017 година, кога интерес покажаа Harley-Davidson и Eicher Motors, сопственикот на Royal Enfield. Во декември 2020 година, надзорниот одбор одлучи Ducati да остане во рамките на концернот, но сегашната криза во Wolfsburg ја става Ducati во значително поинаква позиција.

Коментари