Додека Honda привлекува внимание со својот необичен V3 агрегат со електричен компресор, кинескиот ZXMoto оди чекор понатаму со уште понеобична конфигурација. Основачот на компанијата, Џанг Сју, потврди дека работат на нов V5 мотор со работна зафатнина од околу 1.000 кубика, кој во иднина треба да заврши во сериски мотоцикл со високи перформанси.
Пред да стигне до сериско производство, плановите се уште поамбициозни – Сју сака новиот V5 агрегат да се појави и на тркачката патека, а 2028 година се споменува како цел за неговото натпреварувачко деби. Засега проектот е во развој и ZXMoto нема објавено официјални податоци за моќноста, димензиите или името на мотоциклот.
Одредени извештаи од Кина споменуваат работна зафатнина од околу 1.100 кубика и повеќе од 210 КС, но овие бројки не се официјално потврдени од ZXMoto и засега треба да се третираат само како шпекулации. Сепак, проектот не звучи толку неверојатно ако се земе предвид она што компанијата веќе успеа да го направи со својата постоечка трицилиндрична платформа.
Зошто токму V5?
Пет цилиндри сами по себе не се неопходни за создавање исклучително моќен мотоцикл. Современите четирицилиндрични агрегати без проблем ја надминуваат границата од 200 КС, додека V4 конфигурацијата одамна се докажа и на пат и на тркачките патеки. Ducati ја направи V4 конфигурацијата препознатлив дел од својата superbike понуда, додека BMW и Kawasaki продолжуваат да извлекуваат огромни перформанси од проверените четирицилиндрични мотори.
Причината за V5 затоа не е само потрагата по поголема максимална моќност. Дополнителниот цилиндар му овозможува на развојниот тим да експериментира со интервалите на палење, начинот на испорака на моќноста, вибрациите и физичкото пакување на агрегатот.
Од друга страна, ваквата конфигурација носи и значително поголема сложеност. Петцилиндричниот мотор бара повеќе компоненти, покомплексно коленесто вратило и внимателно развиени решенија за ладењето, доводот, издувниот систем и вентилскиот механизам. Дополнителен предизвик ќе биде сето тоа да функционира доверливо и економично, а истовремено да ги исполнува современите еколошки норми.
Основачот на ZXMoto, Џанг Сју (во средина)
Honda веќе го врати вниманието кон необичните V мотори
Интересно е што проектот на ZXMoto доаѓа во период кога Honda веќе привлече големо внимание со сопствената необична конфигурација. Honda V3R 900 E-Compressor првпат беше претставен како концепт на EICMA во 2024 година, со 75-степен V3 распоред и електрично управуван компресор.
За разлика од класичен турбополнач кој ја користи енергијата на издувните гасови, компресорот на Honda се придвижува електрично и може да работи независно од бројот на вртежи. Според Honda, тоа овозможува дополнителна моќност и вртежен момент кога се потребни, а 900-кубичниот агрегат треба да понуди перформанси споредливи со мотор со зафатнина од 1.200 кубика.
Honda очигледно не ја гледа оваа технологија како експеримент за само еден модел. Поновите патентни цртежи покажуваат примена на електричниот компресор кај повеќе конфигурации на мотори, меѓу кои четирицилиндричен линиски мотор, V-twin, паралелен двоцилиндричен и шестцилиндричниот агрегат на Gold Wing. Системот е прикажан и на конфигурации кои наликуваат на NC750 и CBR1000RR-R.
Кај ZXMoto, пак, V5 засега останува развоен проект, а не мотоцикл кој е подготвен за производство. Нема потврдени сериски спецификации, официјална моќност ниту датум за лансирање, а бројките за повеќе од 200 КС и околу 1.100 кубика сè уште се неофицијални. Амбицијата за тркачко деби во 2028 година покажува во која насока се движи проектот, но пред тоа компанијата треба необичната V5 конфигурација да ја претвори во доверлив, конкурентен и сериски применлив агрегат.



Коментари