Иако Ducati заврши на подиумот како прв и втор, сепак лицата на шефовите во тимот не зрачеа баш со радост. 

MotoGP, никој не може да го предвиди крајот

Генерално, фабричкиот тим во секој спорт ги има најдобрите спортисти, инженери, екипа и најдобрата опрема. Сведоци сме на спортови во кои приватните тимови едноставно не можат да држат чекор со доминацијата на фабричките тимови. Некои од нас веројатно и навиваат за оние мали underdog тимови кои знаат да блеснат и да ги изненадат тимовите кои почиваат на многу финансии, ексел табели и малку емоција. Но дали навистина е подобро да се вози за фабрички тим на Ducati во моментов?

Во MotoGP долго време се работеше на изедначување на шансите за успех на сите учесници. Конечно тоа се случуваше во минатите сезони до одредена мерка, кога знаеше да победи по некој приватен тим, а и не ретко ги гледавме на подиумот.

jack miller lemans

Оваа сезона стартуваше како најкомпетитивна до сега, со најмали разлики меѓу натпреварувачите, а оваа последна трка во Франција дефинитивно имаше епилог на аутсајдери на подиумот.

Победи Enea Bastianini на Gresini Ducati, во кој никој, пред почетокот на сезонава, немаше да се обложи дека баш тој ќе има најмногу победи по седмата трка сезонава. Втор заврши Jack Miller кој веќе сите (па дури и самиот тој) го отпишаа од фабричкиот тим и нов договор. Трет заврши Aliex Espargaro на Aprillia, кој по победата во Аргентина стига до третиот подиум во низ и воедно се наоѓа на втората позиција во генералниот пласман со само 4 бода заостанување зад актуелниот шампион Fabio Quartararo кој повторно извади максимум со четвртото место. 

Јаготка на шлагот се кадрите од гаражата на тимот на Gresini каде возбудата и еуфоријата на екипата следејќи ги последните кругови, може да го допре и оној кој воопшто не следи трки.

aleix espargaro lemans

Pecco под притисок, во песокот

А на кој начин ја извојува победата популарниот Бештија? Веќе стана негов заштитен знак да го проучува противникот и да нападне кога ќе го измори од следење и кога ќе смета дека нема да има контранапад, мудро чувајќи ги пневматиците.

Па така на 7 круга пред крајот, откако се издвоија пред третиот, во моменот Miller, Enea го нападна до тогаш водечкиот Pecco Bagnaia, по што следеше краток контранапад кој го реши многу брзо, ја презема повторно првата позиција и не ја испушти до крајот. А зад него? Зад него Pecco издржа уште 2 свиока и падна откако попушти концентрацијата, веројатно сфаќајќи дека нема да може да му возврати на помладиот колега и заврши во песокот во претпоследната кривина. А така не се освојува титула како што и самиот призна по завршетокот на трката. Видно разочаран, можеби и зачуден од темпото на Bastianini, со многу воздишки призна дека ова е само негова грешка, и ако на почетокот добиваше извинување од тимот заради не средениот мотор кој му го испорачаа, сега тој должи извинување. Сега GP22 функционира беспрекорно и ја одбра најлошата патека за докажување. На патеката која е позната како некој вид на чистилиште заради лизгавиот асфалт и конфигурацијата која ја казнува и најмалата грешка, Pecco требаше само да собира поени и да си ја чека следната шанса за победа. Тоа го правеше минатата сезона и Fabio кој продолжи да вози паметно и оваа сезона и да собира поени кога не може да победи, па така се наоѓа на врвот на поредокот со само една победа. Да не заборавиме дека пред Французот титулата ја зема Joan Mir со само една победа. Во ист ритам на мудро собирање на бодови, вози и постариот Espargaro и се наметнува како сериозен кандидат за титула. Откако го изгуби приклучокот со првите тројца успешно се бранеше од актуелниот шампион и на крајот го собра подарокот од Pecco. Сега навистина треба да престане тактизирањето од страна на Aprillia и да му понудат солиден нов договор на Шпанецот кој практично го изгради овој тим. Знаеме дека повлекувањето на Suzuki од шампионатот ја отвори Пандорината кутија за нови комбинаторики на пазарот на возачи, но сепак она што го прави Aliex е навистина коректно и доволно за продолжување на договорот. Тука е и неговиот тимски колега Vinales кој буквално “си го бара” (отказот), со тоа што покрај лошите резултати (заврши 10-ти со 20+ секунди заостаток) и не можноста да се прилагоди на моторот, има и темперамент на дистракор и некој кој бара проблеми наместо да ја наведне главата и да работи на решавање на истите. Знаеме дека знае да победува според 25-те победи кои ги има освоено во сите класи од кои 9 во најголемата, како и титулата во Moto3, но сепак минатите резултати се минати и не гарантираат ништо без адаптирање на новата ситуација и работа. Многу работа.

Двајцата возачи на Suzuki не ја завршија трката

Кога сме веќе кај возачите на Suzuki, никој нема да им забележи што ја завршија трката со падови, што и не чуди ако се земе предвид чувството на предавство заради шок-повлекувањето на Јапонците. Сигурно многу нешта им се вртат низ главата што не е баш добро кога се вози на максимум, особено на патеката која не простува ни најмало невнимание. Додека Mir и не е баш некој кој често паѓа, Rins оваа сезона докажа дека може многу да ги намали бројот на падови. Сепак немаше среќа кога, во стилот на Zarco кој успеа ден претходно да се спаси од песочната стапица и да се врати безбедно на патеката, падна и заработи силен удар со главата на асфалтот, за среќа без видливи последици. Инаку излетувањето беше последица на турбуленцијата од моторот на Pecco кој го следеше во моменто, која се јавува заради користењето на сите оние крилца кои го “лепат” моторот на асфалтот, нешто за што неколку возачи укажуваат како на проблем веќе подолго време. 

Французите завршија 4-ти и 5-ти, но Zarco беше далеку зад Fabio, во една осамена трка. Битно собра поени. Зад него како 6-ти заврши Marc кој ја сфати ситуацијата во која се наоѓа во моментов и самиот тој заради физичката спремност, но и моторот кој не е во моментов најконкурентен. Ако се работеше само за неговата физичка спремност немаше да заврши како најбрза Honda. Nakagami успеваше да го следи на седмата позиција, што е солиден резултат и знак дека Јапонецот вози концентирано, можеби предоцна заради сè почестите гласини за негова замена, но сепак подобро од Pol кој заврши како 11-ти и Alex Marquez на 14-тото место.

Постариот Binder успеа да извлече максимум од еднокрилестиот KTM по контактот со Zarco во првите кругови. KTM мора да направи промени откако сите 4 мотори не успеаа да влезат во Q2, а ја заврши трката со само еден мотор откако сите нивни останите возачи завршија со пад!

Кога сме кај KTM пак, се појавија гласини дека се заинтересирани за услугите на Jack Miller кој веќе се поздравува со Ducati. Интересна комбинација. Ако веќе нема место за него во Pramac или во LCR, зошто да не? V4 мотор, популарен возач и голем буџет. Сепак мора да добие подобар материјал од ова што сега го нуди австрискиот гигант. Нека застане на ред затоа што за место во KTM се споменува и Alex Rins. Лудата сезона на договори и официјално започна. 

Инаку кога сме кај трансферите, веќе не е тајна интересот на Honda за Joan Mir. Покрај фактот дека се работи за шампион, и некој кој работи вредно на собирање на поени, во прилог му оди и стилот на возење со моќно сопирање, нешто што е карактеристика и за стилот на Marc Marquez...

Luca Marini заврши на 9-тата позиција и конечно извозе подобра трка од неговиот тимски колега Marco кој беше повторно најдобар руки на 12-то место. Di Gia заврши зад него 13-ти и полека собира искуство. Franco, Dovi и Darryn завршија на опашката како доказ за лошата форма на Yamaha, но и како доказ за тоа колку навистиан вредат резултатите на Quartararo кој води во генералниот пласман. Историјата на Honda со Marc и Ducati од времето на Stoner се повторува.

Повторен пад на Jorge Martin значи уште една, четврта, не завршена трка и алудира на лоша форма или резултат на притисок врз Шпанецот, но вистината е поинаква. Имено по трката ја откри состојбата која ја третира медицински подолго време и која можеби влече корени од минатата сезона и оној одвратен пад во Портимао. Состојбата ја опиша како губење на чувство во десната рака со што нормално ја губи и можноста за контрола на гаста и предната сопирачка, што резултираше со пад. Дали е нормално да се дозволи да вози со таква повреда? Дали се работи за повреден нерв и што понатаму, ќе дознаеме деновиве кога повторно ќе посети специјалисти, но дали за ова знае DORNA која често знае да ги занемари повредите на возачите, па така сме биле сведоци на возачи кои возеле само 24 часа по пад во кој за кратко изгубиле свест како последица на потрес на мозок. Повторување на ваква повреда заради пребрзо враќање на патеките може да биде фатална, но сепак организаторите не се строги по ова прашање.  

Да се надеваме дека постои начин да се реши проблемот на Jorge Martin затоа што покрај неговата очигледна брзина, тајмингот за трансфери е прилично лош во моментов и не би сакале да го изгуби потенцијалниот ангажман заради повреда.

Moto2, Akosta не ја искористи првата своја шанса

Овој викенд можеше да биде совршен за младиот Pedro Acosta, кој уште од лани сите го најавуваа како потенцијален шампион. Кривата на учење му беше прилично стрмна, па така неделната трка ја започна од првата позиција што беше воедно и прв негов старт од првиот ред. Не само тоа. До сега Acosta нема стартувано ниту од вториот или третиот ред...

37 augusto fernandez lemans

И одличниот старт поведе и се одвои од групата многу брзо, но не и од неговиот тимски колега Augusto. Едноставно притисокот и фактот што за првпат водеше во оваа класа си го направи своето , па попушти во десетиот круг кога едноставно му избега предниот крај и се најде на тлото. Како и да е, покажа дека има брзина и во оваа класа, а останува да се избруси. Иднината му носи големи работи на ова момче. Неговиот колега пак остана на патеката и заврши како прв. Ова е прва победа по 2019-та година за упорниот Augusto Fernandez. Но никој не е поупорен од Aron Canet кој заврши како втор. По оној херојски настап од минатиот викенд каде возеше со скршеница стара неколку дена, овој викенд можеби му беше и потежок затоа што го немаше оној адреналин од минатиот викенд кој те праби слеп пред физичката болка и те тера напред. Секоја чест!

Подиумот го заокружи Тајланѓанецот Somkiat Chantra кој вози како препороден од почетокот на сезонава. Очигледно момчето со интересна фризура најде нешто што му дава дополнителен ветер во грбот. Ќе им биде тешко на Honda да решат меѓу него и Ai Ogura како замена за Nakagami.

И оваа класа ја одбележаа бројни падови, дури 10 од кои двајца сепак се вратија и ја завршија трката на последните позиции. Ова му помогна и на лидерот во генералниот пласман Vietti кој имаше бледа трка, но сепак заврши 8-ми.

Moto3, повторен старт заради дожд

За чудо во оваа класа имаше најмалку падови...само два...откако ја прекинаа трката во која заради дожд паднаа скоро пола возачи. По стартот напред излета Бразилецот Diogo Moreira и се чинеше дека ќе врзе уште една победа во само 2 викенди, но дождот си го направи своето и ја ресетира трката.

Сите се успеаа да се вратат во гаражите каде што започна другата трка. Трката за да се оспособат моторите за повторен рестарт. Секоја чест за механичарите кои стихијно зашрафуваа и менуваа делови додека паѓаа камчињата од искршените оклопи на моторите. Некои тимови имаа и по два мотора за поправање.

05 jaume masia

По скратената трка како најбрз заврши Jaume Masia кој конечно почна да вози зрело покрај тоа што беше брз откако започна да вози во оваа класа пред 6 години. Премногу изгубено време во најмалата класа, но сепак успехот не доаѓа лесно.

Првата победа за малку му избега на Јапонецот Ayumu Sasaki кој треба да е задоволен од покажаното затоа што се бореше до последен свиок (+0.150s) , а како трет заврши Izan Guevara (+0.220s). На крај Moreira заврши како 14-ти откако полека паѓаше во поредокот, а заработи и дополнителна казна.

Следната трка е во Муџело каде што се очекува уште поголема фешта и лудачки добра атмосфера, и докторот ќе биде таму ;).

Back To Top