Деновите, пред една од најкултните трки во календарот, изобилуваат со содржини.

Aprilia со стари новости!

Денес се одржа прес конференцијата на тимот на Aprilia на која се открија неколку битни моменти.

Продолжување на договорот меѓу победникот од Аргентина Aleix Espargaro и Aprilia се чинеа како формалност, ако се земе предвид страста со која настапува емотивниот Шпанец кој вложи прилично многу енергија во тимот од Noale. Но секако сме биле сведоци во минатото, на многу непредвидливи потези од страна на тимот, кога станува збор за избор на возачи, а и генерално се наоѓаме во време кога имаме доволно талентираните возачи кои чекаат на ред за својата шанса, па нема да не чуди некое изненадување. Инаку се навестуваше ваквата разрешница уште на ревијалниот настан кој го организираше заедничкиот спонзор Castrol во родниот град на двократниот шампион во F1 Fernando Alonso, каде направија мал скеч на тема продолжување на договор. Скечот сам по себе не треба да се сфаќа сериозно, но сите сме свесни дека тимски шеф никогаш нема да направи таква шега ако нема нормална работна атмосфера и взаемно почитување. 

aprilia team 2024

Она што можеби малку изненадува е одлуката за продолжување на договорот и со неговиот тимски колега Maverick Vinales кој, за волја на вистината, малку ја промени реториката, особено по веста за повлекувањето на Suzuki од шампионатот, и ги стави на “mute“ критиките кои ги упатуваше на адреса на тимот, нешто што е веројатно негова најголема маана. 

Договорот е со траење до 2024 година што гарантира мир во тимот, и дефинитивна промена на курсот на тимот кој знаеше да ги раскинува договорите со возачите само по неколку трки. Јасно е присуството на новиот искусен шеф Massimo Rivola кој заедно со техничкиот директор Romano Albesiano изградија тим кој конечно може и да победува. И додека Капетанот, како што го нарече својот возач Rivola, би требало со леснотија да го извози договорениот период, не сме сигурни дека истото важи и за Top Gun Maverick. Помладиот Шпанец ќе треба да се надмине себеси и да ги повтори добрите резултати од времето кога возеше за Suzuki, а потоа и за Yamaha за да се наметне повторно како сериозен возач. 

Aprilia со 4 наместо со 2 мотори

Другата информација, која можеби е поважна од гореспоменатата, е прашањето на новинарите за присуство во идната сезона со 4 наместо со 2 мотори. Од тимот потврдија што би значело поголемиот број на мотори и во поглед на техничкиот напредок заради поголемата количина на информации кои би се слевала од страна на 4 возачи наместо двајца како сега, секако со помош на тест возачот Lorenzo Savadori кој има и по некој wildcard настап. Другиот бенефит е сериозноста на тимот и нивното присуство во шампионатот, што секако би ја зајакнала и нивната политичка моќ. Замислете каква е политичката моќ на Ducati во моментов со 8 мотори на патеката. Доколку не им се допадне некоја одлука не би им било тешко да извршат притисок заради можноста да го раздрмаат шампионатот со евенутално повлекување. Јасна ви е сликата...

За да се реализира сето тоа, секако Aprilia чека зелено светло од DORNA која сеуште се пазари со Suzuki околу отштетата која треба да ја платат Јапонците за да се пуштат од орото за што лани ставија потпис за учество до 2026-та година.

Ова можеби ќе им отвори и пат на некој од возачите на Suzuki, или дури и на двајцата со формирање на сателитски тим на Aprilia која би понудила конкурентни мотори.

Kawasaki не влегува во MotoGP!

Колку и да посакуваме ваквко звучно име да влезе во MotoGP, сепак краткиот рок за развивање на конкурентен мотор, а и конечниот есап, не дозволуваат такво нешто. Барем за сезоната 2023. Така и Kawasaki, откако одземе и додаде сè, се изјасни негативно за евентуално пополнување на испразнетото место кој го остави Suzuki. Зелените имаат одлична кампања во WSBK каде години наназад, со искучок на минатата, освојуваат титули, со мотор кој е многу сличен на она што може да се види на улиците, за разлика од прототипот кој е неопходен за влез во MotoGP. Инаку Јапонците не се странци во MotoGP, но и тие го напуштија спортот по големата светска криза во 2009-тата година, а маркетингот кој го добиваат од учеството, богами и победувањето во WSBK, им е сосема доволен, засега.

Бројот 46 заминува во историја!

Друга вест е церемонијата која ќе се организира викендов во чест на заштитување на бројот 46 од понатамошно користење од страна на други возачи, односно негово повлекување во чест на големиот Valentino Rossi и успесите што им ги донесе на DORNA и MotoGP. Популарноста е она што му донесе на спортот во кој беше активен до последниот атом на енергија, или до последната шанса, дури и најмала шанса да освои уште една 10-та титула. Титулата не дојде, иако беше многу блиску во таа неславна 2015-та, но да се вратиме на убавите моменти.

Иако имаше коментари дека требало одамна да се пензионира, сепак по таа 2015-та токму во Муџело во 2016-та освои пол позиција и беше на добар пат да ја освои и победата кога му откажа старата љубов Yamaha. Навистина суров крај на патеката пред домашна публика пред која славеше дури 9 пати во сите категории. Сигурно дека тоа ќе се памети до крајот на животот!

Сепак човекот не се откажуваше додека не беше сигурен дека ги искористил сите шанси за повторување на успех. За да имате таков пристап, треба навистина да го сакате овој спорт, да немате его дека ве победуваат некои си таму вчера испилени деца, и да имате голема огромна љубов и страст кон трките.

Ете затоа ќе се повлече овој број 46 од понатамошна употреба од страна на идните генерации. Дали ни се допаѓа таа одлука, или не, е друга тема за што можете и вие да ни се придружите во коментарите. Едно е сигурно и со оваа одлука и без таа 46-ката секогаш ќе не асоцира на Vale!

Информатичарите се новите тутунари?

Не е тајна дека сите ги насочуваме своите деца во правецот на информатиката, како гранка која е интегрирана во секој бизнис и без која едноставно не може да се функционира во новото време. Мотивот е високата заработувачка која ја носи оваа бранша, која почнува да ги користи популарните спортски платформи за маркетинг. Дигиталниот маркетинг им е секако многу добро познат...

Па така покрај учество во WSBK преку тимот на Ducati во кој е главен спонзор, информатичката компанија Aruba.it влегува како спонзор и во MotoGP преку фабричкиот тим на Ducati, но засега со повремени настапи со нивниот тест возач Michele Pirro. Воедно се презентираше и продолжување на договорот на уште 2 години со тимот во кој настапува, и во моментов води, во WSBK.

Ducati фешта за сите фанови на италијанскиот производител и MotoGP!

Како што веќе пишувавме по ваквиот сличен настан во Индонезија, а потоа и во Португалија, ваквиот начин на промоција би требало да биде стандарден пред секој тркачки викенд. Едноставно славењето на тркањето и 2 тркала и целата моторџиска култура е многу повеќе од само возење мотор. Секако задолжително присуствуваа сите 8 возачи во MotoGP како и сите членови на клубот на сопственици на овие италијански убавици Ducati Owners Club (D.O.C.) кои ќе продолжат со своите мотоцикли на рутата низ планинските патишта, наречена Futa Pass. Вистинско уживање!

2022 ita prevent 2.big

Големата Награда на Финска одложена до 2023 година!

Оваа вест како непријатна ја оставивме за крај. Случувањата во светот, особено оние кои директно влијаат на земјата во која требаше за првпат да се вози трка на новата патека KymiRing, беа причина за нејзино откажување, односно префрлање за следната година. Сепак станува збор за ситуација која не е ни малку наивна и доколку сепак би се одржала трка во вакви услови, во македонски прилики би се нарекла „село гори баба се чешла“. Тоа им се случи годинава во Formula 1 откако по испукување на ракети во рафинерија во близина на патеката во Саудиска Арабија, сепак се одржа трка додека се чувствуваше мирисот на нафта која гори наместо на бензинот од нивните болиди...

Back To Top