Honda пристигна на EICMA 2026 во Милано со една од најголемите презентации на годинашниот саем. Јапонскиот производител претстави нова генерација на Africa Twin, значително обновен Fireblade, нови модели во неколку категории и технологија која би можела да има големо влијание врз идните мотоцикли на компанијата.
Најголемо внимание привлекуваат новата CRF1150L Africa Twin, радикално обновеното семејство CBR1000RR-R Fireblade и V3R 900 E-Compressor, кој сега е претставен како модел планиран за сериско производство.
Honda CRF1150L Africa Twin: Нова генерација за 2027 година
Еден од најважните новитети е новата Africa Twin, која за 2027 година добива значително повеќе од козметички промени. Honda ја претстави новата CRF1150L со поголем мотор, обновена шасија, поинаква ергономија и модернизирана електроника.
Двоцилиндричниот мотор со зафатнина од 1.131 cm³ развива 87,5 kW (119 КС) и максимален вртежен момент од 119 Nm. Купувачите и понатаму ќе можат да избираат меѓу шестстепен мануелен менувач и автоматизираниот DCT менувач.
На располагање се шест режими на возење: SPORT, TOURING, URBAN, RAIN, OFFROAD и OFFROAD+, со дополнителни можности за приспособување.
Новата генерација добива полесна рамка и задна вилушка, преработена позиција на возење, нови LED светла и унапреден систем за поврзување со паметни телефони.
Africa Twin Adventure Sports со Honda SENSING RIDE
Посебно место во понудата зазема новата Africa Twin Adventure Sports, која добива верзија опремена со Honda SENSING RIDE – напреден систем за помош на возачот базиран на радарска технологија.
Системот вклучува адаптивен темпомат со Stop & Go функција, помош при групно возење, предупредување за можен фронтален судир, следење на мртвиот агол и дополнителни функции за предупредување и помош при сопирање.
Верзијата SENSING RIDE ќе биде достапна исклучиво со DCT менувач. Adventure Sports добива и електронски контролирана суспензија Showa EERA со Skyhook Control, електрично прилагодлив ветробран и нов инфозабавен систем со TFT екран.
Нова Africa Twin Enduro Sports
Нова Africa Twin Enduro Sports за љубителите на теренско возење
Honda го проширува семејството и со CRF1150L Africa Twin Enduro Sports, модел насочен кон возачите што поминуваат повеќе време надвор од асфалтот.
Enduro Sports е за девет килограми полесна од стандардната Africa Twin и добива поголемо растојание од подлогата, повисоко седиште и суспензија со подолг од, вклучувајќи предна вилушка од 49 mm инспирирана од CRF450RALLY.
Моделот ги задржува новиот мотор и главните електронски подобрувања, а ќе се нуди и со мануелен и со DCT менувач.
Honda CBR1000RR-R Fireblade, Fireblade SP и CBR1000RR-R Fireblade HRC Works Edition
Honda CBR1000RR-R Fireblade: Развиена со искуство од WorldSBK
Големи промени пристигнуваат и кај спортската понуда. За моделската 2027 година Honda ја менува филозофијата на развој на Fireblade, ставајќи ги барањата на тркачката програма во WorldSBK во центарот на проектот.
Новата CBR1000RR-R Fireblade добива алуминиумска рамка со изменета геометрија, полесна задна вилушка и редизајнирана аеродинамика развиена во соработка со Honda Racing Corporation (HRC).
Четирицилиндричниот мотор развива 160 kW (218 КС) и 114 Nm. Honda воведува нов двостепен систем за променлива должина на усисните канали, преработен систем за електронска контрола на гасот и низа внатрешни подобрувања на моторот.
Стандардната Fireblade користи суспензија Showa и сопирачки Nissin, додека новата Fireblade SP добива електронски контролирана суспензија Öhlins и сопирачки Brembo Hypure.
На врвот на понудата пристигнува и CBR1000RR-R Fireblade HRC Works Edition, со дополнителна опрема и технологии насочени кон возење на тркачка патека.
Honda V3R 900 E-Compressor: Поглед кон иднината
Меѓу најинтересните експонати на штандот на Honda е V3R 900 E-Compressor, мотоцикл со нов концепт на мотор и електронски контролиран компресор.
За разлика од претходните развојни презентации, Honda сега го прикажува V3R 900 E-Compressor како модел планиран за сериско производство, со финализирани дизајнерски линии и нова еволуција на системот Honda RoadSync.
Неговата технологија претставува еден од најинтересните развојни правци на Honda, а на овој модел ќе му посветиме посебна сторија со повеќе технички детали и фотографии од EICMA 2026.
Новиот Honda ADV125
Honda го проширува и семејството авантуристички скутери со целосно новиот ADV125. Моделот го презема препознатливиот стил на поголемите ADV350 и X-ADV, но во компактна категорија достапна и за возачите со А1 дозвола.
ADV125 добива течно ладен eSP+ мотор, суспензија со подолг од, поголемо растојание од подлогата, прилагодлив ветробран и 5-инчен TFT екран со Honda RoadSync поврзување.
CBR500R FOUR, SH350i и електричниот RN0
На EICMA 2026 Honda го има и првото јавно претставување на CBR500R FOUR, нов спортски мотоцикл од средната класа со четирицилиндричен мотор. Моделот ја продолжува традицијата на Honda во категоријата спортски мотоцикли со четири цилиндри.
Популарниот скутер SH350i за 2027 година добива технолошки ажурирања и нови бои, додека Honda влегува и во сегментот на електрични планински велосипеди со RN0, развиен во соработка со ROTWILD. RN0 користи карбонска рамка, електричен погон Shimano и батерија со капацитет од 720 Wh.
Презентирана е и новата колекција мотоопрема создадена во соработка со IXON, како и тркачки ориентираната кацига Kabuto KF-2F.
Honda има што да покаже во Милано
Со новите Africa Twin и Fireblade, Honda јасно покажува дека продолжува да инвестира во своите најпознати мотоцикли, додека V3R 900 E-Compressor отвора сосема ново поглавје во развојот на погонските агрегати.
Редакцијата на Motori.com.mk е присутна на EICMA 2026 во Милано, од каде што во следните денови ќе донесеме дополнителни информации, фотографии и впечатоци од новите модели.





Коментари