Одличен викенд за македонските мотоциклисти на Slovakia Ring, каде што Христијан Бузалковски и Петре Мијалков настапија во класата Superstock 1000 во рамките на Alpe Adria, BMU и FIM Europe шампионатите.
Најмногу причини за задоволство имаше Бузалковски, кој викендот во Словачка го заврши со две победи во BMU шампионатот и три подиуми во FIM Europe, а пред последната рунда од европскиот шампионат сега е на само 2,5 бодови од второто место во генералниот пласман.
Во саботната прва трка, Бузалковски заврши на третото место во FIM Europe конкуренцијата, зад Бартоломеј Морански и Гжегож Ханушевич, додека Петре Мијалков беше петти.
Во истата трка, кога се гледа само BMU конкуренцијата, Бузалковски стигна до победа, а Мијалков се искачи на подиумот со третото место.
Неделата започна со Sprint Race, каде Бузалковски повторно го освои третото место во FIM Europe, а Мијалков уште еднаш беше петти.
Најдобриот европски резултат за Бузалковски дојде во последната трка од викендот. Морански повторно победи, а по откажувањето на Ханушевич, македонскиот возач ја освои втората позиција во FIM Europe. Мијалков ја заврши трката на четвртото место.
Во BMU конкуренцијата, Бузалковски ја комплетираше одличната рунда со уште една победа, со што од Slovakia Ring си замина со максимален учинок од двете главни трки. Мијалков во втората трка беше четвртопласиран.
Во вкупната Alpe Adria конкуренција, во која настапуваше поголем број возачи, Бузалковски ги заврши трите трки на 6., 5. и 4. место, додека Мијалков во Race 1, Sprint Race и Race 2 трипати ја освои десеттата позиција.
Кочоски без настап поради технички проблем
На Slovakia Ring требаше да настапи и Синиша Кочоски, но неговиот викенд заврши уште пред да започнат трките.
Кочоски имаше технички проблеми со мотоциклот уште на првиот тренинг, по што беше принуден да се спакува и предвреме да се врати дома. Поради тоа не настапи ниту на една од трките и остана без можност да освои нови бодови во шампионатите.
Бузалковски на само 2,5 бодови од второто место во Европа
По резултатите од Slovakia Ring, ситуацијата во FIM Europe Superstock 1000 European Cup станува особено интересна за македонскиот претставник.
Бузалковски сега има 133 бодови и се наоѓа на третото место во генералниот пласман, додека второпласираниот Јан Дамонд има 135,5 бодови.
Разликата меѓу нив е само 2,5 бодови, а до крајот на шампионатот останува уште само една рунда.
Лидер во генералниот пласман е Бартоломеј Морански со 232,5 бодови.
Тоа значи дека Бузалковски во последниот викенд од сезоната ќе има директна можност да се бори за вицешампионската титула во FIM Europe Superstock 1000 European Cup.
Напредок и во BMU и Alpe Adria
Официјалните генерални пласмани во BMU и Alpe Adria сè уште не се ажурирани со резултатите од Slovakia Ring, но според досегашната табела и освоените бодови од оваа рунда, Бузалковски би требало да има 95 бодови во BMU, односно 86,5 бодови во Alpe Adria.
Мијалков по викендот во Словачка би требало да има 79 бодови во BMU и 39,5 бодови во Alpe Adria.
Кочоски, кој поради техничкиот проблем не освои бодови на Slovakia Ring, останува на своето досегашно бодовно салдо.
Финалето на 26 и 27 септември во Самоков
Последната рунда од сезоната ќе се вози на 26 и 27 септември на патеката А1 Самоков во Бугарија.
Викендот ќе има дополнителна тежина за македонските натпреварувачи бидејќи трките во Самоков ќе се бодуваат истовремено за FIM Europe, BMU, Alpe Adria и Македонскиот шампионат.
Токму таму ќе падне и конечната одлука во борбата на Бузалковски за второто место во FIM Europe, но и за конечните позиции на македонските возачи во останатите шампионати.
Очекуваме голема поддршка од македонската публика за нашите возачи во Бугарија.


Коментари