Четвртата рунда од Балканскиот шампионат во брзински мотоциклизам која викендов се возеше на патеката Долна Митрополија во Плевен (Бугарија) го донесе првиот пехар на нашите натпреварувачи.
На четвртата рунда од Балканскиот шампионат во брзински мотоциклизам настапија 96 возачи од 6 држави, а Македонија беше претставувана од двајца возачи, Слободан Ивчески во класата F1000 и Христијан Бузалковски во класата SP125.
Слободан Ивчески - Цобо (МК Сакамото) кој настапува во класата F1000 се искачи на пиедесталот за прв пат во сезоната освојувајќи го третото место во Плевен.
Тој на саботните квалификации имаше четврто време, а на загревањето во неделата дојде до втората позиција. Трката ја започна и возеше одлично, па на крајот сосема заслужено дојде до првиот пехар во сезоната.
„Ова беше добра трка, го освоив првиот пехар и се надевам дека ќе продолжам во овој стил до крајот на шампионатот. Би сакал да им се заблагодарам на сите кои ме бодреа како и до дечките кои беа со мене во текот на викендот. Благодарност и до спонзорите кои ми помогнаа да го постигнам овој успех“ - изјави Ивчески за мотори.ком.мк
На трката во Плевен настапи и Христијан Бузалковски - Бузо (МК Мотори) во класата SP125. Тој на квалификациите забележа шесто време, но благодарение на одличниот старт на трката се искачи до третата позиција. За жал лошата среќа која го прати од почетокот на сезоната продолжи и на оваа трка, па заради технички проблеми со моторот тој мораше да запре. При враќањето на патеката еден од возачите удри во него по што моторот беше оштетен и за него трката беше завршена.
МФМ од Плевен се враќа со два пехара, за освоено трето екипно место во Тим А и второ екипно место во Тим Б.
Следната трка се вози претстојниов викенд на патеката Аданката во Романија, потоа возачите ги очекува трката во Серес на 9/10-ти јули пред последните две трки кои треба да се возат во октомври и ноември.