Започнуваме со серија на содржини преку кои ќе се обидеме да ја објасниме работата на МФМ на пошироката јавност, а притоа и да им излеземе во пресрет на сите клубови и поединци кои се занимаваат со мото спортот во земјава.

Првиот текст се однесува на регистрацијата на мото клуб, денеска ја објаснуваме постапката за регистрација, заедно со сите потребни формулари и објаснување зошто е добро еден клуб да биде членка на МФМ.

На 7-ми ноември 2007-ма година со поддршка од 29 клубови од тогашните 42 беше формирана Мотоциклистичката Федерација на Македонија. Од тогаш до сега работата на Федерацијата за многумина беше спорна, па за да можеме објективно да ги согледаме работите ќе се обидеме да ги појасниме активностите и правата на МФМ и клубовите членки.

МФМ не е Владина агенција, ниту пак работи под државна капа. МФМ е непрофитно здружение, а она што и дава на Федерацијата легитимитет и право да организира мото трки (шампионати) е решението за дејност спорт како Федерација во областа на мотоциклизмот. МФМ е единственото тело во земјава кое има право да организира легитимен шампионат во секоја дисциплина на мотоциклизмот.

Но да започнеме од почеток, со МФМ раководи управен одбор составен од 9 члена. Членовите на управниот одбор се бираат на собрание, а се составени од клубовите кои се членки на МФМ. Право на глас и на предложување на нови членови во управниот одбор имаат само клубовите кои се полноправни членки на МФМ. На овој начин, секој клуб може директно да влијае во работата на МФМ. Освен управниот одбор, функционираат и стручните комисии по дисциплини, како и комисија за безбедност, заштита на животна средина, техничка комисија итн. кои се составени од претставници на клубовите членки на МФМ.

За еден клуб да стане член на МФМ потребно е да ги приложи следните документи до Федерацијата:
- Барање за членство
- Копија од решението од Централен Регистар на Република Македонија (Клубот треба да биде регистриран како мото клуб според Законот за здруженија и фондации на РМ)
- Копија од статут
- Копија од уплатница за уписнина и членарина (еднократниот трошок за уписнина изнесува 3.000 денари, а годишната членарина изнесува 6.000 денари)
- Контакт податоци

Со исполнување на овие обврски клубот станува член на МФМ, но сеуште не се води како полноправен член и со тоа нема право на глас во годишните собранија на Федерацијата. За еден клуб да се стекне со полноправно членство во федерацијата, по исполнување на горенаведените услови, од МФМ добива потврда која клубот треба да ја достави до Агенцијата за млад и спорт. АМС потоа врши инспекција на клубот и доколку е се во ред му издава решение за бавење со дејност спорт. Со ова решение клубот ги исполнува условите за полноправно членство во МФМ и може директно да влијае во работата на Федерацијата.

За некој клуб да очекува било какви резултати од МФМ логично и потребно е да биде член на федерацијата, со самото тоа ќе може да дава предлози за работата. За секоја дисциплина постои посебен правилник за организирање на натпревари, а функцијата на комисиите е да го ревидираат постоечкиот правилник и да донесат предлог за следната сезона, правилник кој потоа треба да го усвои управниот одбор.

Така на македонското прашање: -А што добивам јас за тие 6.000 денари?, одговорот е: -Легитимност. Никој не е обврзан да членува во МФМ, меѓутоа членството нуди можности за кои можеби сеуште не сме доволно созреани како мото нација. Седењето во кафана и правењето муабет „-Ништо не направија овие од МФМ.“ сигурно нема да ги подобри работите. За Федерацијата да постапува по било какво прашање доволно е да се достави барање до неа, по што тие се обврзани да му одговорат на клубот. Секако дека и МФМ самоиницијативно треба да постапува и да се труди да ги застапува интересите на моторџиите, но бидејќи сме свесни дека тоа до сега беше ретка пракса, клубовите членки на МФМ се оние кои треба да ги туркаат работите напред.

МФМ не се оние 9 членови од управниот одбор, МФМ се сите членови на клубовите кои се дел од МФМ, но МФМ мора да биде институција на сите моторџиите во Македонија, вклучувајќи ги и оние кои не се членки и индивидуалните мотоциклисти. Федерацијата е отворена за соработка за секој клуб, па така дури и доколку клубот не е член на федерацијата, а достави барање, тоа ќе биде разгледано, единствената разлика е тоа што самиот клуб нема да може да го даде својот глас/мислење по однос на барањето. Со плаќањето на членарината секој клуб добива право да организира трки, а членовите на клубот можат да добијат тркачка лиценца со која можат да настапат во земјава и во странство. Подетално за тоа како клубовите можат да организираат трка и што се е потребно ќе можете да прочитате во следната содржина од серијалот.

За крај и сите документи кои се потребни за регистрација на мото клуб во Централен Регистар на Република Македонија (http://www.crm.com.mk/):
- Акт за основање
- Изјава
- Одлука за избор на органи
- Одлука за избор на претседател
- Одлука за основање
- Одлука за статут
- Одлука за програма
- План и програма за работата на мото клубот
- Статут
- Записник од собрание
- Пријава за во Централен Регистар (Образес ПО)

Доколку имате било какви прашања за регистрацијата на мото клуб пишете ни во коментарите подолу, а ние ќе ви одговориме во најкус можен рок.

Back To Top