(Време на читање: 4 - 7 минути)


Wired differently? MotoGP најавува новини! Што може да се очекува по сопственичката промена на спортот кој нè обединува?

Уште пред да започне новата сезона, се случија доста превирања во MotoGP падокот. Тестирања, нова (уште поспора) Yamaha, уште побрзо Ducati, посериозна Honda, порафинирана Aprilia и поскротен KTM. Тоа е веќе стандардниот дел од сезоната, но најавите за трансфери пред да започне првата трка се нешто до сега невидено. Многу брзи потези и верижни реакции. Но што се случуваше во позадина? 

Приказната започнува на 01.04.2024, кога беше објавена веста за наводното преземање на Dorna од страна на медиумскиот џин Liberty Media односно официјално Sports Entertainment Group. Она што делуваше како првоаприлска шега во 2024 година (полека?!) почна да добива форма. Но ништо не се случува полека во MotoGP. Ништо не се случува полека во денешниот свет, а секако ништо не се случува полека во денешниот бизинс свет. А постои ли поинаков свет, освен бизнис светот? 

Најпрво да ви ги растерам меурчињата од сапуница. Не постои идеален свет и не постои инерција во бизнисот. Дури и инерцијата делува како враќање назад кога целиот свет незапирливо “лета” напред. Беше потребен одреден период на преземање, како логистички така и правно. Правниот дел беше најголемата сопирачка заради европските закони кои забрануваат пазарна монополизација. Нема да навлегуваме во деталите на тоа како на крајот се изборија правниците на Liberty за правото на преземање на Dorna…на крајот на краиштата, ова е американска компанија, а не европска, а нели Америка…

Љубовта е слепа…

Но нас нè интересира нашата љубов, нашата пасија, нашата неизвалкана занимација, која за некого претставува духовна храна и причина да ги брои деновите до почеток на првата трка во сезоната за да ужива со сите сетила во брзината и возбудата која ни ја нуди повеќе од 75 години. Нас нè интересира што ќе се случува со нашиот спорт MotoGP?! Дали ќе остане тоа што беше, или ќе прерасне во холивудска сапуница како и нејзиниот многу побогат роднина F1?

Да не се лажеме! Мото трките во кои се освојуваат Големи Награди, организирани од страна на FIM не биле никогаш ни толку искрени ниту чисти како што ги идеализираме. Нели, љубовта е слепа…Основата на натреварувањето е надмудрување, користење на разни вештини и докажување кој е подобар. Некогаш не се бираат средства за постигнување на целта. Тоа е во генот на човекот. Особено кога покрај самиот индивидуалец учествува и машина, заедно креираат синергија која на крајот ја дава добитната комбинација на победник-шампион, и победници-конструкторски шампиони!  

Секако целта на победувањето за возачот претставува возбуда, самодокажување, уживање, финансиска компензација и пат до вечноста запишувајќи се во книгите (или дигиталните записи) на историјата! За производителот, или тимот, победата претставува истото тоа, плус маркетиншко поентирање и враќање на инвестицијата преку продажба на повеќе мотоцикли.  

img 9738

За да се оствари сето ова, потребни се пари. Многу пари. Парите, во историјата, доаѓале од секакви спонзори, па покрај финансиите на самите тимови и производители, не ретко финансирале и самите возачи. Па така како спонзори се јавувале разни компании, меѓу кои доминантно од тутунската и алкохолната индустирија, па по забраната за нивно рекламирање, се појавија спонзорите кои работат во индустријата за енергетски пијалоци и електронски валути за чие “копање” се трошат огромни ресурси. Чист спорт, веќе пречист…

Вистинските вљубеници секако не ги интересира ова. Уживаме во трките во кои црвените и сините мотори се борат против црните и портокаловите машини на кои животот го ризикуваат модерните гладијатори кои само што не почнале да гребат со кацигите по асфалтот, затоа што одамна гребат со колената, лактите, а од скоро и со рамењата по свиоците. Нас само ова нè интересира. Кој ќе покаже повеќе и подобро. Рушење на рекорди и херојски дуели. Има тука и по некој лакт и колено, одобрено во одмерени количини. И секако брзината и звукот на моторите со внатрешно согорување!

Каде што има пари, таму може да има и многу повеќе пари

За ова уживање некој треба да плати. Е кој да плати? Не дека беше MotoGP пред банкрот, но каде што има пари, таму може да има и многу повеќе пари. Особено кога братучедот се богати скоро без да се испоти, а фановите на MotoGP се сè постари и постари! И никој не ве прашува дали сакате промени. Тие се неизбежни. И јас сакам да бидам вечно млад, ама…

Мала е веројатноста (за среќа) новите сопственици на ТВ правата, да го искористат истиот рецепт за промоција како и во случајот на F1, продуцирајќи серијал во соработка со една од најмоќните “стриминг” платформи Netflix. Не дека сакаат да нè поштедат од вештачки создадена тензија, туку затоа што е тоа веќе виден концепт и повеќе не е “тренди”. До толку брзо се движи светот, да. 

vlcsnap 2026 02 18 12h55m29s589

Дали ќе добиеме подобар производ, (да, и GP е производ) или ќе ни се растури идеалниот свет, останува да видиме? Се најавува спојување на викендите помеѓу двата најголеми мотоспорта, занемарување на пониските класи, и можно (дај Боже) продавање на WSBK. 

Шампионатот на Супер спортски мотори би се спасил на овој начин, затоа што ионака им дојде “гага” кога го пазареа MotoGP. Дополнително со новите правила за 2027-ма и намалувањето на моторите на 850 кубни сантиметри, Panigale, R1 и компанија можат да им станат дури и трн во око затоа што ќе им се приближат во перформансите. А и дополнителна главоболка не им е потребна. 

Само можеме да се надеваме дека катастрофата на новите технички правила, кои стапија на сила во F1 од оваа сезона, во кои се фаворизира се повеќе користењето на хибридната технологија, ќе им бидат добра лекција на новите газди дека со сила не оди убавина и дека нема многу да чепкаат во техничките правила на MotoGP. Акцијата на патеката е сосема коректна и треба да се оди со спротивен правец и да се намали улогата на машината и да му се зголеми улогата на возачот. Преку глава веќе од машини и посебно вештачката интелиганција, затоа што на крајот на краиштата, сепак е само вештачка, колку и да се нарекува интелигенција. 

Емоцијата е природна и не може да се замени ни изглуми. Единствено може да се подобри промоцијата на тркачките викенди и нивната содржина, нешто што е одлично сработено во Франција на легендарниот Ле Ман. Значи тука е, само треба да се крене стандардот. Дали воопшто има потреба од драстични промени, или само полирање на постоечкиот концепт. Имаме фантастични патеки на кои има далеку помалку гледачи во споредба со F1. 

Промените се видливи, уште сега

Вклучувањето на инвеститори од F1 светот, (купувањето на Tech3 тимот од страна на поранешниот тимски шеф на Haas F1 тимот) дополнително ја заокружува приказната. Се споменува одамна и 8- кратниот F1 шампион (не е тајпо) Луис Хамилтон како можен спонзор или сопственик на некој тим! Чисто како најава за иднината која нè чека.

Вчерашната објава дека и највозбудливата трка на Остовот Филип, оди во пензија на сметка на улична трка (!) во Аделаида, која денес, како попче, ја промовираше Џек Милер, е воедно и конкретна акција како најава за промена во управата. 

Прашањето на кое, за сега, немаме одговор е, дали за година, или две, ќе викаме браво шампиони, или управа пе*ери!? Дел од управата е веќе променета и освен Кармен Езпелета, останатите членови се заменети со свежа крв. Веројатно и неговото присуство е повеќе почесно отколку суштинско. 

Како и да е. Тенка е границата од кич до хит. Од друга страна пак нема поголеми мајстори од Американците во пакување и продажба на производ, каков и да е, макар тој се викал и американски фудбал. Да се надеваме дека картите нема да не чинат како оние за Супербол…

Прашањето е што сакаме ние? Што сакаш ти? Пишете, барем тука ја имате целата слобода на изразување.

Автор: Николче (Ниџо) Николовски

Ставовите и мислењата изразени во категоријата Колумни се на авторите и нужно не ги одразуваат официјалните позиции на Мотори.ком.мк

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: