Крис Фајфер одржа едно часовно шоу пред македонската публика која со нетрпение го очекуваше, а потоа следеше доделување на автограми и фотографирање со сите заинтересирани. На крај, пред заминувањето кон следната дестинација од турнејата го направивме и интервјуто за motori.com.mk

Крис Фајфер почнал да вози мотори на пет годишна возраст, неговиот прв мотор бил KX100, мотор кој неговиот татко го модифицирал за Крис да може да го вози. Никогаш не посетувал некаков курс или школо за професионално возење на мотор, се што прави со моторот го има самиот научено. Најголема поддршка има од својата сопруга (инаку пасионирана моторџика) и од механичарот коj постојано е со него. Ужива во екстремни спортови, а важи и за одличен качувач по карпи. Се плаши единствено од змии и возови.

Во неговата досегашна кариера има освоено многу титули, започнувајќи од првата во 1985 (Германски младински шампион во Trial), па четирите титули во Extreme Enduro (Erzberg Red Bull Harescramble) во 1996, 1997, 2000 и 2004. Потоа продолжува со по четири титули во Европскиот и Светски шампионат во Стант: European Champion Stunt Riding (2004, 2006, 2007, 2008) и World Champion Stunt Riding (2003, 2007, 2008, 2009). Победник е и на престижните Stuntwars во 2006.

Во Скопје допатува како дел од светската турнеја на Ред Бул. Неуморниот германец од 9 часот утрината покрај кејот на Вардар и на плоштадот Македонија со својот мотор правеше егзибиции за потребите на официјалниот Ред Бул фотограф. Потоа одржа едно часовно шоу пред македонската публика која со нетрпение го очекуваше, а следеше и доделување на автограми и фотографирање со сите заинтересирани. На крај, пред заминувањето кон следната дестинација од турнејата го направивме и интервјуто за motori.com.mk

Први импресии?
- Одлично! Публиката беше прекрасна, времето се погоди и се беше одлично. Ги сакам настаните во овој дел од Европа бидејќи публиката знае да го цени трудот. Има многу ентузијасти кај вас, многу страсни возачи на мотори и тоа ми се допаѓа.

Имаше проблеми со асвалтот?
- Па да, местото на кое настапив беше со лизгав асвалт и со многу вдлабнатини. Сепак тоа го гледам како предизвик, беше лизгаво и требаше да внимавам повеќе од вообичаено, но и тоа е интересно.

Го промени моторот на половина од настапот, што се случи со првиот?
- На секој настап носам по два мотори, за секој случај. Двата се со ист сет-ап, ги имаат истите делови и подготвени се за во секој момент да можам да земам било кој од нив. Денеска имав три проблеми, нешто што никогаш не ми се случило до сега: Прво имав проблеми со греењето, незнам зошто но моторот едноставно прегреваше, вториот проблем беше со самиот мотор кој не работеше како што треба заради проблемите со прегревањето и третиот проблем беше во глицеринот односно задната кочница која скоро и да ја изгубив пред да го сменам моторот.  Тогаш си реков доволно е, можам да се повредам и го земав вториот мотор.

Вториот мотор беше потполно ист како првиот?
- Да, ги имаше истите делови но пред почетокот на настанот ги напумпавме гумите на првиот мотор според асвалтот, односно со поголем притисок. На вториот мотор гумите беа послаби па имав големи проблеми да се навикнам на него. Првото палење на гумите го направив за да го зголемам притисокот во нив, од топлината нели, и тоа до некаде ми помогна. Имаше многу импровизации, и среќен сум што сепак публиката толку добро го прифати настапот.

Настапуваш во Германија за неколку денови, ќе продолжиш таму со истиот мотор?
- Во Келн ќе дојде и мојот механичар, тој ќе ни се придружи таму бидејќи настанот трае пет дена, па сигурно ќе ни треба неговата помош. Ќе го оспособи вториот мотор или ќе донесеме друг, во секој случај за настапот морам да имам подготвено два мотора.

Настан кој трае пет дена, колку пати ќе настапиш?
-Ќе биде напорно, но ќе издржам. Имам настапи сите пет дена колку што трае настанот, по четири настапи секој ден плус две сесии за автограми.

Тука имаш два исти мотори, спомена дека ќе донесеш и друг доколку е потребно. Колку мотори поседуваш?
-Уф...имам пет мотори за стант и...вкупно мислам дека се 12 мотори.

Оженет си и имаш три деца...
Точно, имам две ќерки и син, синот има 3 години,  а ќерките 8 и 10 години.

Каков е твојот став во однос на тоа дали твоите деца треба да возат мотор?
- Тие веќе возат мотори, дури и мојот син кој има само 3 години е луд по мотори. Тој вози мотор и квад, и е многу талентиран. Не можам да ви опишам ниту пак можете да си замислите што се може едно 3 годишно дете да прави со квад! Засега повеќе го сака квадот бидејќи може без проблем да се качи на него, моторот му е висок но го вози и него, а со квадот знае дури и да дрифта! Тој е мојот најголем фан, го има гледано моето ДВД повеќе од 5.000.000 пати и сеуште не му здодеа. Постојано е пред телевизорот и гледа што правам јас со моторот па пробува да ме имитира. 

Значи го наследил талентот од својот татко. Што мислиш ти за тоа, постои ли талент во стантот или се работи за упорност и многу вежбање?
Треба многу посветеност и страст да излезеш и да вежбаш повторно и повторно и повторно. Факт е дека треба многу вежбање, и доколку го споредите стантот со тркањето, работите се различни, тркачите се природно брзи или не се. Кога некој вози трка може да вежба влез или излез од кривина и да се подобри на тој дел, но доколку природно е бавен, на крајот се е залудно. Во нашиот спорт е различно, треба да се има упорност и да се вежба многу, со вежбањето секој може да дојде до одредено ниво, понатаму дали ќе продолжи и ќе напредува зависи само од тоа колку е решителен и колку е упорен. Според мене најважен дел е страста кон стантот, доколку некој ја поседува може да успее. Во стантот постојано паѓаш и стануваш и пак паѓаш...доколку немаш страст и решителност ќе се откажеш за кратко време. Јас ја имам таа страст, за мене возењето на моторот секој ден не претставува тренинг, тоа е задоволство, слобода, излегувам со моторот и се чувствувам прекрасно, јас уживам.

Имаш 40 години, но тоа воопшто не е пречка за тебе бидејќи летово го освои првото место на German Open. До кога планираш да настапуваш?
- Во однос на првите места, да бидам искрен ги освоив сите шампионати и турнири кои постојат, и повеќе тоа воопшто не ми е важно. Во овој спорт не е важно кој колку медали и пехари има, кој колку турнири освоил или кој е светски шампион во моментот. Се работи за тоа да се биде иновативен и да се оди напред. Се додека сум мотивиран да пробувам нови работи ќе продолжам. Секако тука е и мојата возраст, имам 40 години и осеќам болки во грбот и колената, па сигурно дека нема да можам вечно да настапувам во оваа форма. Планирам да продолжам да возам уште неколку години, но во меѓувреме ќе ги намалувам настапите, барем оние на турнирите. Се вртам повеќе кон он-лајн технологијата. Многу повеќе сакам да отидам на некое добро место, да направам одличен видео клип од тоа и да го објавам на интернет. Нешто налик на клипот снимен на БМВ кулата.

Кога сме кај тој видео клип, колку време се подготвуваше за снимањето и колку време и требаше на твојата екипа за да го направите ремек делото?
- Имавме дозвола за користење на кулата за 6 часа, значи комплетното местење на опремата, планот за возењето, снимањето... сето тоа  траеше нешто помалку од 6 часа.

Има ли нешто што Крис Фајфер не може да го направи?
-Апсолутно! Има многу работи кои ги прават другите возачи, а јас не можам да ги направам. На пример “stopie 360”. Тоа значи да закочиш на предно тркало и задниот дел од моторот да го свртиш за 360 степени. Можам лесно да го свртам за 270 степени, но 360 никако неможам. Знам дека на многу други возачи им е лесно, но можеби е до моторот...незнам, едноставно не можам да го направам тој трик. Но постојано ја пратам конкуренцијата, сакам да сум во тек со настаните и интернетот е прекрасна работа. Гледам што прават другите и понекогаш ги копирам триковите но не онакака како што се оригинално изведени туку нивни варијации кои најчесто се многу потешки од она што е првично направено. Има многу добри стантери низ светот, според мене нај-талениран е полскиот стантер познат под псевдонимот Stunter 13, тој не е најдобар во се, но е нај комплетен.

Во Скопје со тебе настапи и Рок Багорош, што мислиш за него?
- Многу сум импресиониран од она што го постигна Рок за овој период. Во однос на првиот пат кога го видов неговата техника е одлична, се гледа дека вежба секојдневно, напреднат е многу и мислам дека веќе е подготвен за стантови со голем мотор. Знам дека во моментот подготвува мотор, му посакувам многу среќа и се надевам дека ќе се снајде бидејќи не е лесно да се префрлиш од скутер на голем мотор.

Дали ти си возел некогаш скутер?
- Не, јас започнав со трајал моторцикли, долго време ги возев нив, а се префрлив на голем мотор на возраст од 29 години. Меѓутоа мене воопшто не ми беше проблем да се префрлам на голем мотор бидејќи концептот е ист: кумплунг, брзини..додека пак кога се префрлаш од скутер на мотор разликата е многу по голема.

Имавме можност да те видиме сликан на BMW S1000R, што мислиш за моторот?
- Тоа е нај тешкиот и опасен мотор на кој сум се качил! Возев фабрички мотор, на кој имаше монтирано само спортски издув и поголема задна ѕвезда, моторот беше наместен на модот за дожд (најбавен мод во кој електронски му е ограничена моќноста на моторот), а беше страшно дури и да помислиш да ја навртиш рачката. Со секое милиметарско свртување на рачката за гас моторот рипаше! Тоа е агресивен ѕвер за кој пред да го пробам размислував да ми стане главен стант мотор, но сега нема шанси. Си ја сакам 800-та и тоа за мене е идеален мотор, користам мотор од 1000цц само на места на кои има огромен простор, а БМВ-то не би го заменил за ниеден друг мотор.

Како започна твојата соработка со Ред Бул?
-Пред многу години случајно добив понуда да возам една ендуро трка за Ред Бул во Германија, за среќа победив на трката и тоа со голема предност во однос на второ пласираниот, па одговорните од Ред Бул одлучиле да ми понудат да возам за нивниот тим следната година. Кога дојдоа нивните претставници во раката држев лименка Ред Бул која ја купив веднаш по завршувањето на трката и кога ме прашаа дали би возел за нив, само ја покажав лиминката и ги прашав –Што мислите? Така започна нашата соработка, на почетокот возев трки за Ред Бул, ендуро трки, но потоа со текот на времето сватив дека стантот е вистинскиот спорт за мене.

За крај, ова е твој прв настап во Скопје, дали ќе те видиме повторно?
- Ова е моја прва посета на Македонија и на Скопје,  се чувствувам одлично и секако дека би дошол повторно доколку БМВ или Ред Бул ме поканат на некој настан. Се надевам дека следниот пат ќе настапам на место кое ќе биде подобро, односно место на кое асвалтот ќе биде на потребното ниво за да можам да направам шоу какво што заслужува оваа публика.                 


За целата галерија од настанот кликнете овде.



Back To Top