Со години Крис Фајфер беше најдобриот стантер во Светот, сепак 51 годишниот германски возач вчера си го одзеде животот откако извесен период пател од депресија.

Крис Фајфер дојде во Скопје во ноември 2010 година и приреди вистинско шоу на плоштадот Македонија. Со него тогаш направивме интервју кое можете да го прочитате овде, а потоа се сретнувавме на повеќе светски мото настани. Ништо до сега, во ниту еден момент не ја откриваше неговата темна страна. Постојано ведар и насмеан, имаше време за сите фанови дури и по најавата дека се повлекува, па веста за неговото самоубиство со неверување ја примија фановите ширум светот.

За ѕвездата на стант возењето, сепак, имало и темна страна. Според неговата сопруга Ренате, тој извесно време се борел со депресија, а во последните месеци ова станало исклучително тешко за него. Викендов Крис виде само еден излез и си го одзеде животот. 

Крис Фајфер ќе остане запомнет како човек кој многупати ги прекрши законите на физиката. Од самиот почеток на кариерата правеше работи за кои никој не веруваше дека се возможни. Така во 2004 година на „Stunt Wars“ во Флорида го исправи моторот на задното тркало под агол од 115 степени, 50 повеќе од она што до тогаш беше максимум. Со овој зафат тој не само што победи на настанот, туку влезе и во Гинисовата книга на рекорди.

Она што го прави легенда секако се и титулите кои ги има освоено, 4 титули како Европски првак и 4 во Светски рамки. Секако тука се и настапите на Ерцберг трките на Ред Бул на кој има освоено 4 први места, како и искачувањето по вертикалниот ѕид „Via Tina“ во Италија.

Ќе биде погребан на 26 март во 9.30 часот во родниот Траухгау (Германија).

Back To Top