Aprilia Racing официјално ја потврди соработката со Лоренцо Савадори, кој го продолжи договорот со тимот за уште две години. Савадори, кој ја извршува улогата на тест-возач, останува клучен дел од развојниот процес на италијанската фабрика во највисоката класа.
Од тимот истакнуваат дека Савадори е многу повеќе од обичен тест-возач, посочувајќи на неговата техничка прецизност, конзистентност при долгите тестирања и тимскиот дух. Поради неговиот пристап и посветеност, во тимот е познат под прекарот „Giga Sava“.
Масимо Ривола, извршниот директор на Aprilia Racing, нагласи дека возачи кои безусловно ја прифаќаат каузата на тимот и ја ставаат компанијата пред личните амбиции се ретки. Според Ривола, токму ставот на Савадори е еден од факторите што придонесоа Aprilia Racing да стане репер во MotoGP шампионатот со целосно обединет тимски дух.
Савадори изрази големо задоволство од продолжувањето на соработката, истакнувајќи ја својата длабока поврзаност со брендот. „Среќен сум со она што го постигнавме досега и со нашиот заеднички раст. Сите напорно работиме за Aprilia секогаш да биде во врвот и горд сум што сум дел од оваа фантастична група луѓе кои вложуваат многу труд и срце во сè што прават“, изјави Савадори.

Коментари