Со новата одлука на Гранд При комисијата, тимовите ќе мора да се натпреваруваат со истите мотори со кои ќе ја започнат сезоната 2025 и во следната сезона (2026). Одлуката доаѓа со цел да се намалат трошоците пред големите промени кои го очекуваат шампионатот во 2027 година.

МотоГП шампионатот го очекуваат големи промени во 2027 година. Според најавите, овие промени ќе бидат направени со цел да да следиме шампионат кој ќе биде побезбеден, порелевантен во однос на мотоциклите кои се возат и притоа ќе помогнат во зачувувањето на природната средина.
Агрегати
Од 2027 агрегатите на мотоциклите ќе имаат намалена зафатнина од 1000цц на 850цц, цилиндрите ќе бидат намалени од 81 на 75мм, а ќе има и намалување во бројот на агрегати кои секој возач ќе може да ги користи во сезоната, од 7 на 6.
Гориво
Од 2027 мотоциклите ќе користат 100% не-фосилно гориво. Иако не е познат точниот состав, се знае дека ќе биде забрането користење на фосилни горива, а тимовите ќе можат да развиваат гориво во лабораториите користејќи био состојки.
Аеродинамика
Во 2027 аеродинамичните компоненти ќе бидат намалени и контролирани. Ширината на предните маски ќе биде за 50мм помала во однос на сегашните, предниот дел ќе биде повлечен за 50мм наназад, со тоа намалувајќи ги ефектите на аеродинамичните елементи. На задниот дел секој тим ќе може да хомологира едноставни елементи, кои ќе можат да се променат само еднаш во сезоната.
Висина на возење и „холшот“ уреди
Во новата ера целосно ќе биде забранета употребата на систем кој овозможува мотоциклот да ја менува висината при возење како и уредот кој овозможува старт со целосно спуштен преден дел.
ГПС
Со цел да се изедначат шансите на сите тимови, податоците од ГПС уредите од сите возачи ќе бидат достапни за сите тимови по секоја сесија. Со споделување на овие податоци и помалите тимови ќе имаат можност да бидат по конкурентни без притоа да ги зголемат трошоците кои ги имаат.
Концесии
Системот за концесии воведен во 2023 ќе продолжи, но од 2027 сите тимови ќе ја започнат сезоната во Ранг Б. На средината на сезоната ќе се направи проверка на резултатите и според тоа тимовите ќе бидат рангирани погоре или подолу до крајот на сезоната.
Со овие промени се очекува МотоГП да биде побезбеден, поконкурентен и секако поспектакуларен спорт во кој ќе следиме многу изедначени трки во кои главниот збор ќе го имаат талентираните возачи.
Коментари