По тренинзите во петок кога разликите меѓу возачите се мерееа во секунда од првото до 18-тото место, очекувавме непредвидлива борба за победа, но тогаш дојде Pecco и ја “зезна” работата! 

Во шестата трка во оваа сезона го добивме петтиот различен победник! Конечно победи Pecco Bagnaia со неговиот Ducati кој, според формата од крајот на минатата сезона, важеше за главен фаворит за освојување на титулата на пред сезоната 2022 година, што беше само дополнителен притисок и товар по хаосот на стартот од сезонава. И додека некој се радува на оваа непредвидливост, не смееме да заборавиме и дека постои пристрасност на публиката кон идол кој се одвојува од просекот и со кој се идентификува и мотивира. Затоа и постојат неколку конструктори и тимови кои носат сопствени идеи и технолошки решенија во шампионатот и ни даваат една шареноликост во целата приказна, па секогаш некој испливува на врвот додека некој заостанува по што се труди да се пробие напред. Тоа е една постојана трка, како на патеката, така и во инженерските студија каде се раѓаат генијални и уникатни идеи. 

63 francesco bagnaia jerez

Во последните години токму Ducati доминира со нови технички решенија и идеи кои ги остава останатите конструктори во небрано, па затоа големите шефови ги “тепаат по уши” инженерите и ги форсираат да најдат уште подобра идеја која ќе им помогне на возачите да бидат побрзи, повозливи, поагилни, да сопираат подобро и т.н.

Секогаш е лесно да се анализираат работите отпосле, кога ќе помине одредено време и ќе ги видиме резултатите од некои постапки, кои во моментот не делувале баш логични или продуктивни. Тешко е да се антипицира и да се погоди исходот.

Па така на почетокот на оваа сезона, кога во последен момент токму Francesco беше иницијатор за избор на варијанта на мотор за оваа сезона, сите ја следеа со сомнеж одлуката за хибридна варијанта на моторот за новата сезона како комбинација на моторите од GP21 и GP22. Оваа одлука значеше сосема нов (хибириден/комбиниран) мотор кој ќе го возат само Pecco и Jack во новата шасија GP22 во фабричкиот тим, стар мотор во старата шасија GP21 за Enea, Marco и DiGia, и сосема нов мотор во новата шасија GP22 за Jorge и Johann во тимот на Pramac!

Зошто се задржавме толку на оваа одлука? Затоа што таа одлука на почетокот на сезоната не даваше позитивни резултати и едноставно делуваше комплетно погрешна. Го имавме Enea Bastianini кој “растураше” на стариот мотор и освои 2 големи победи, но и Jorge Martin и Zarco кои се квалификуваа или на првата или втората позиција на сите досегашни трки освен последната возејќи ја најновата верзија Ducati GP22! Тоа не им успеа на ниту еден од возачите на официјалниот тим кои се решија за оваа хибридна верзија на моторот составена од делови на стариот и новиот мотор. Сѐ до Португалија.

63 francesco bagnaia spaingp.gallery full top fullscreen

Кога се чинеше дека заради малите разлики меѓу возачите во петочните тренинзи ќе следи непредвидлива трка, кога скоро целиот грид беше во една секунда, дојде саботата и Pecco кој постави рекордно време од 1.36.1700 и предност од цели 4.5 десетинки пред одличниот Fabio кој стартуваше втор! Тоа е истиот тој Pecco кој само пред една недела за малку немаше да стартува заради страшниот пад и набиеното десно рамо, но да не заборавиме и дека ги завршуваше претходните трки годинава редовно во долниот дел од табелата, кога воопшто ја завршуваше трката!  А патеката не беше баш нежна кон возачите, по обилните дождови во четвртокот и влажните флеки кои извираа низ асфалтот, по што имавме можност да го видиме Marc како паѓа 2 пати во пола круг, или Fabio како добива силен удар меѓу нозете по еден незгоден пад. Значи условите беа далеку од идеални, но можеби она што е поважно, конкуренцијата си го прави своето своето и ги гони возачите во вадење максимум и преоѓање на границата.

По Pecco и Fabio во првиот ред се квалификуваше Aliex, а зад нив Jack и Marquez, кои ја завршија трката по истиот редослед со исклучок на замена на местата помеѓу Jack и Marc. Но тоа не значи дека беше досадна трка, но далеку од непредвидлива. Главната борба се одвиваше токму помеѓу овие петмина во две групи. Напред Pecco и Fabio се одвоија на неколку секунди и веднаш ја “убија” трката за останатите, а зад нив Jack се обидуваше од петни жили да ги задржи Marc и Aleix зад нив. Enea заврши осми пред Marco Bezzecchi кој во текот на целиот викенд возеше фантастично и го освои 9-то место со што јасно се издвојува како најдобар меѓу почетниците, што е контраст во однос на четвртиот пад во 6 трки за Jorge Martin кој како да сака да им ја отежне работата на шефовите на Ducati кои само што не го потпишале договорот за негов ангажман во фабричкиот тим. Тука е и бледиот настап на Alex Rins со пласман на 19-тата позиција, кој можеби во тој момент знаел нешто повеќе од нас...

KTM продолжува со осцилации во перформансите и настапуваше без повредениот Raul, но секако со пласмани на 10-то, 12-то и 20-то место за Brad, Miguel и Remy. Alex Marquez се врати на вообичаената позиција на 13-то место, 2 места зад разочараниот Pol, односно 6 места зад тимскиот колега Takaaki. Како ќе го оправда Honda евентуалното отпуштање на Јапонецот, а задржување на помладиот Marquez не ни е јасно. Истото може да се каже и за Luca Marini кој веќе брои ситно во однос на покажување на некој посериозен резултат.

Mir веќе предвидливо во горниот дел на табелата, слично на сезоната во која ја освои титулата. Константноста му ја поремети само Miller на минатата трка. Регуларните “жалопојки” ги слушавме од Maverick кој беше во кадарот на трката само заради поздравот кој му го испрати големиот холивудски актер Tom Cruise, воедно користејќи ја можноста за промоција на продолжението на култниот филм Tom Gun по чиј главен лик го добил и името Шпанскиот возач. Vinales повторно го гледаме со истите нервозни гестикулации по враќањето во боксот и фактот дека овој возач едноставно има проблем да вози мотор брзо со полн резервоар. По најавата за повлекување на Suzuki и можноста за ангажман на некој од нивните возачи можеби треба да размисли малку околу сопствената иднина. 

Она што е важно е дека Pecco делува моќно и сигурно во себе и ако конечно успеа да го најде основниот сетап на моторот, тешко дека некој ќе може да го сопре во освојување на титулата. Тука се изгубените поени на почетокот на сезоната, но за негова среќа никој не успеа да доминира така што се е отворено. Fabio ја имаше таа несреќа да не се најде пред Pecco на почетокот на трката затоа што едноставно немаше можност за претекнување заради карактеристиките на двата мотори, вискоите температури и природата на патеката. Едноставно со секое приближување зад Италијанот, нема ладење на моторот, но она што е најважно расте температурата на предниот пневматик, а со тоа и притисокот во гумата што ја прави потполно небезбедна при сопирање. На крај спортски го призна поразот и не покажа дека му е криво што ја пропушти победата на патеката која ја сака и му одоговара на него и Yamaha.

mark marquez spain motogp 2022

Marc извозе солидна трка и го постигна најдобриот резултат во сезонава со освојување на четвртото место. Она што плени беше неверојатниот спас од пад, нешто што беше негов заштитен знак пред кобната повреда. Ако приметивте како во кругот по завршетокот трката ги фрлаше ракавиците во публика ќе сфатите колку беше неверојатен неговиот настап. Иако е изразит десњак, ги фрлаше ракавиците сосема наопаку со левата рака, што само покажува во каква состојба е неговата десна рака и рамо. Човекот дефинитивно вози со големи лимити.

И додека Marc го напаѓаше Jack во свиокот наречен Jorge Lorenzo, каде го исчисти асфалтот со заштитниот комбинизон, но сепак успеа да се задржи на моторот, Aliex успеа конечно да се протне и да избега осамен на третата позиција. 

Овие тројца кои се појавија на подиумот веројатно ќе се борат до крај за освојување на титулата.

Првиот кој конечно си го врати своето моџо, вториот кој знае да изведе чуда на најслабиот по моќ мотор, а третиот заради бранот кој го јава со моторот кој се чини дека функционира на сите патеки и конечно дојде на ред да ги искористи своите 5 минути.

Moto2

За оваа класа важи истото што и за кралската класа во однос на поредокот на стартот и поредокот на крајот од трката. Поведе и не го испушти до крај водството Jапонецот Ogura кој се споменува се почесто како замена за Takaaki, но би било подобро да е замена за Alex Marquez. Ова е воедно и негова прва победа во шампионатот воопшто. Зад него заврши рековалесцентот Aron Canet кој извозе лудачки добро и потсети на онаа епизода која своевремено ја имаше Jorge Lorenzo во 2013-та година кога возеше само 24 часа по операција. Навистина не знаеме која е таа движечка сила која им дава енергија на овие момци да се борат против болките и да ги игнорираат во потполност. Браво! Трет Tony Arbolino кој полека добива на константност и се наметнува како фаворит покрај сонародникот Vietti кој заврши како 6-ти.

Moto3

Ќе звучи ли неверојатно ако го повториме истото и за најмалата класа? Guevara, Garcia, Masia и Öncü завршија по истиот редослед како што и ја започнаа трката! Фаворитот Foggia кој стартуваше пред Турчинот имаше проблеми и паѓаше во поредокот се до 18—тото место. Инаку за разлика од останатите класи поредокот на овие петмина се изменуваше неколку пати во текот на еден круг, што е сосема нормално за Moto3-ките, и токму затоа е чуден конечниот поредок кој не отстапуваше од стартот на трката. Само погледнете реприза од послендиот круг и ќе ви биде јасно колку всушност беше интересна трката!

Следна станица е LeMans, а во меѓувреме чекаме разрешница на сагата за Suzuki...

Back To Top