(Време на читање: 2 - 3 минути)


Петар Георгиевски – Камиказа е име кое ретко кој не го знае, македонски музичар, глумец, спортист, основач и менаџер на КЛС Евентс, а со децении е нераскинливо поврзан и со моторите, патувањата и мотоциклистичкиот живот во Македонија. Илјадници километри, безброј патувања, различни мотоцикли, дожд, сонце, падови, станувања и спомени кои тешко можат да се соберат во еден текст.

Но една бројка сепак кажува многу.

Перо е на само 2.143 километри од неверојатни 1.000.000 километри поминати на мотоцикл.

По тој повод, на својот Facebook профил сподели текст кој одлично објаснува зошто за вистинскиот моторџија мотоциклот никогаш не е само превозно средство.

777800972 2118546205704813 5615465540931555323 n

Го пренесуваме во целост:


„БРМ, БРМ... Мотори, мотори...“

Живот што многумина нема да го разберат:

Поседувам мотоцикл поради личен животен избор. Ги имав разни, со секоја кубикажа и брзина. Од Солекс, преку Пони Експрес, Аутоматик, Крос Јуниор, Томос Т15, па Јамахи, Хонди и, во последно време и со најмногу километри, неколку BMW.

Еден ден, кога ќе бидам многу стар и повеќе нема да можам да возам, оној последниот ќе биде во мојата гаража како трофеј од моите спомени на дејгиди, луди години на две тркала. А ги има, богами, еден „трилион“.

777418408 1031913419665550 6858927847450030614 n

За сите овие години и патешествија сретнав луѓе кои ме научија на многу нешта, бидејќи го делат истиот дух и љубов со мене. Некои поднаучија и нешто од мене.

Се мачам, возам по 1.000 и кусур километри дневно...

Ладно ми е...

И многу жешко...

Ме врнело дожд...

Ме лупал град и што ти уште не...

И морам да признаам, на моменти се плашев и се наоѓав во, така речи, „безизлезни“ ситуации...

Паѓав и станував, повеќе пати...

Но, исто така, се смеев гласно на ветерот и уживав во секој миг.

Илјада пати си зборував со себе во кацигата, сам, и им простував на оние што не ми мислеле добро.

Пеев и викав од радост како чукнат.

И да... понекогаш плачев, што од радост, што од среќа.

Видов прекрасни места и осетив слобода каква со зборови не може да се опише.

Застанував многу пати за да уживам во прекрасните пејзажи и видици кои Бог ги распослал насекаде по светот.

Разговарав со стотици истомисленици, а кога не разговаравме, туку се разминувавме, сите до еден со крената рака се поздравуваме.

Пристигам дома по сите „пустоловини“ со чувство на апсолутен мир и спокој во срцето и душата.

Многу пати знаев колку е опасно, но знаев и дека храброст е да се победи чувството на страв и да се излезе од „комфор“ зоната.

Секогаш кога тргнувам со моторот на долг пат, ме обзема некое чудно чувство на слобода, спокој и мир.

775526226 1722792492333914 202904080490263666 n

Ги трошам парите што ги немам, се откажувам од многу работи, но сето тоа, на крајот од денот, вреди бидејќи сум побогат за уште едно патешествие и искуство, исполнето со возбуда, истрајност и љубов.

Мојот мотор не е превозно средство, туку парче челик, алуминиум и пластика со тркала, со кое Бог ме благословил и ми дал ретка прилика со секој изминат километар да се чувствувам поблиску до него, а притоа да станам уште подобар и посреќен човек, бидејќи моторот и јас тогаш сме едно.

Сполај ти, Боже, за шансите и убавините.

Нека ангелите ме чуваат мене и моите пријатели мотористи, каде и да сме. Да ни дадат верба, надеж и љубов за подобро утре со секој изминат километар.

П.С. Се ближат моите 1.000.000 километри. Уште само 2.143 km. Мислам дека другата година ќе правам „прослава“, а можеби и оваа.

И да, единствено верен му останав на моторот. Сè друго се менуваше, порано или подоцна.

Петар Георгиевски – Камиказа

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: