Шпанецот повторно постигна одличен резултат. Сасаки го освои првиот подиум а Тоба заврши на третата позиција.

Хуаме Масиа е навистина главен на MotorLand. Една недела после првата победа оваа година, Шпанецот стигна до уште еден триумф. Битката беше изедначена до самиот крај а Ајуми Сасаки стигна до второто место. Каито Тоба ја освои третата позиција. Разликата меѓу првите тројца возачи изнесуваше само една десетинка.

Раул Фернандез прв излезе во предност на стартот на трката. Потоа следеа Арболино Риваколд, Целестино Виети и Алберт Аренас. Ова беше само старт на трката но веднаш ни стана јасно дека не очекува интересен настан.

Лидерската позиција постојано се менуваше. Фернандез од првата се симна на третата позиција. Фернандез, Аренас, Виети и Габриел Родриго се менуваа на лидерската позиција во првата половина од трката.

Во Арагон гледавме извонредна трка. Аренас изгледаше застрашувачки и никој не можеше да го помине на правец.

На девет круга до крај, во свиокот број 1, Тоба се обиде да го преземе водството но влезе малку пошироко во свиокот. Тоба ја пропушти шансата а следен беше Масиа. Тој се обиде да ја искористи моќта на Honda но Аренас не се предаваше. Масиа сепак не дозволи тој да ја зголеми предноста. Џон Мекфи се врати во борбата за победа и на три круга до крајот се најде на четвртата позиција. Битката за победа стануваше се поинтересна.

Moto3 Aragon 1 26 10 2020

На два круга до крај, Масиа го презеде водството во свиокот број седум. Но веќе во дванаесетиот свиок, Аренас и МекФи повторно го претекнаа. Аренас влезе како лидер во последниот круг. Масиа не сакаше повеќе да чека и во свиокот број 1 излезе во предност. Веднаш зад него, Тоба му правеше големи проблеми на МекФи. Од позадина следеше Сасаки. Ќе успее ли Аренас да издржи до крај? Одлично влезе во свиокот број 15 но веднаш зад него беа Масиа и двата мотоцикли на КТМ. Во делот за сопирање, Масиа, Тоба и Сасаки го поминаа Аренас и на два свиоци до крај, Масиа го презеде водството.

Аренас се спушти на четвртата позиција но успеа да ги победи Виети и Огура, главни ривали во борбата за титулата.

Виети заврши на петото место иако заостануваше само 3 десетинки зад победникот. МекФи беше шести. Дениз Ончу возеше одлично и го освои седмото место додека пак Биндер, кој имаше проблеми во последниет неколку круга беше осми. Зад него беше Огура. Јапонскиот возач заостануваше една секунда зад победникот но сепак загуби драгоцени поени во борбата за титулата. Арболино трката ја заврши на десетата позиција.

Ова беше уште една интересна трка во Moto3 серијата, неизвесна до самиот крај. На три трки до крајот на шампионатот, Аренас има 19 поени предност во однос на Огуара. Виети заостанува 20 поени зад Аренас. Во борбата се вклучи и Масиа кој сега заостанува 24 поени.

Moto3 подиум

  1. Хауме Масиа - Leopard Racing - Honda 37:44.602
  2. Ајуму Сасаки - Red Bull KTM Tech 3 - KTM +0.051
  3. Каито Тоба - Red Bull KTM Ajo - KTM +0.152

Хауме Масиа: „Пресреќен сум. Одлично е чувството кога ќе победите две трки една по друга. После победата минатата недела чуствував мал притисок бидејќи се доближив до првото место на табелата. Затоа се обидов да останам смирен и да продолжам да работам напорно. Верував во себе иако на моменти имав проблеми. “

Back To Top