Сите знаеме колку жртви се потребни за постигнување спортски успеси на врвно ниво, но возачите во MotoGP едноставно одат неколку чекори подалеку.

Деновиве се појави подкаст на кој зборуваше возачот во сателитскиот тим на KTM Tech3, Австралиецот Remy Garden и актуелен шампион во Moto2. Тој е еден од поинтересните типчиња кој е малку олдскул заради хобито кое го има, поправање и “фризирање” на постари автомобили, што вклучува замастување на рацете, а воедно е и тренинг заради механичките компоненти кои се демонтираат и монтираат на “старите канти”. 

Овој имиџ малку отстапува од некои од неговите колеги кои ги гледаме често на социјалните мрежи како се забавуваат на друг начин, онака метросексуално средени со исчупани веѓи и фазонирани бекембарди :)

Можеби токму затоа и не сме чуле многу поплаки од негова страна кога станува збор за здравствената состојба на Австралиецот. Се досега…

На само 24 години Remy призна дека по многуте повреди со кои се здобил во досегашната кариера, веќе и станувањето од кревет наутро му претставува терет затоа што му треба одредено време да ги размрда коските за да стане. Всушност рамрдувањето е само купувње време потребно за навикнување на болката која не може баш така лесно да ја снема. Да не зборуваме за болките во зглобовите на дождливо време, заради што и Британецот Barry Sheene своевремено се пресели во Австралија по завршување на каиерата. Да стопли коски…

Инаку Gardner има над 20 скршеници од кои најкритични му биле на двете нозе добиени при пад од крос мотор на рана возраст, од која повреда многу тешко се опоравил и во тоа време сметал дека ќе му заврши кариерата. Дури и сега вози со недолечена скршеница на дланката што ја влече од почетокот на сезоната.

dani povredi

На крај од разговорот младиот Австралиец ја отвори темата која возачите веќе ја имаат начнато, а тоа е што со оние возачи кои се повредени, во поглед на нивното лекување, како и пост лекувањето, затоа што како што и самиот вели, ќе има потреба од физиотерапевт до крајот на животот. Тоа би значело некоја форма на здравствено осигурување кое би станало задолжително и кое ќе им гарантира малку поквалитетен живот на возачите. Тоа и не е така лошо особено ако знаеме дека возачите можат многу лесно да изгубат работа заради некој таква потреба. Не се сите Marc Marquez. 

Знаеме по себе дека се е лесно кога сме млади, па и болката лесно се издржува, но како поминуваат годините така и лузните се појавуваат на површина и се се повидливи. Инаку најгласен во иницијативата на темава кај возачите бил токму Marc Marquez кој иако добро ситуиран, многу добро знае колку чинат сите тие операции и лечења на повреди.

mark povredi

Одвратна повреда на стапалото доживеа и Финецот Niki Tuuli, кој годинава настапувајќи во Supersport, по падот на загревачкиот тренинг во Есторил доби ампутација на 3 прста на левата нога

Покрај финансиската помош, малку е да се каже дека голем дел од овие возачи остануваат со трајни физички последици, односно осакатени.

Повеќето од нас ги паметат трките на кои настапуваа тешко повредени возачи како на пример, периодот кога по тешката повреда на двете нозе на Mick Doohan во 1992 година, му претеше ампутација, па успеа да ја надмине болката и тешкотиите и да се врати со освојување на 5 титули по ред! Многу негови колеги од тој период го опишуваат Автралиецот како чудо од човек кога ја се помирил со ситуацијата и едноставно ја игнорирал болката…

Тука е и Valentino Rossi кој по скршената нога во 2010 година не успеа да освои ниту една титула иако продолжуваше да победува и да постигнува добри резултати.

Незаборавен е викендот во 2013-та година кога Jorge Lorenzo на дожд падна и си ја скрши клучната коска во Assen во петочните тренинзи. Веројатно на крилата на адреналинот, како и заради фактот што во моментот се бореше за титула против дебитантот Marc Marquez, се качи на авион, се оперираше во Шпанија, повторно се врати со авион, и заврши како 5-ти во неделната трка!! Тоа е една од оние трки во која по којзнае кој пат се докажува дека овие возачи се навистина нешто посебно и ја заслужуваат сета наша почит. Секогаш кога ќе сакате онака лесно да ги искритикувате нека ви текне на ова.

Back To Top