Мала Нинџа. Таква работа не постои. Има само една Нинџа. Една и единствена; Kawasaki GPz900R. И не е ниту голема, ниту мала. Тамам е. И иако Кавасаки сите свои супер-спортски мотори ги нарекува Нинџи и номинално, ќе се согласам дека тоа е така, Нинџата, онаа вистинската, ќе си остане она, кое (си) е – GPz900R. Тоа е тоа.
А тоа е она, кое пред 40 години Чонгур прв го донесе во Скопје. Тоа е она, со кое Маверик се тркаше со „Ф-четрнаеската – Томкетот“ у Топ ган... Тоа е она, за кое пее Kenny Loggins у Danger Zone.
Инаку, оваа дискрепанца е присутна и во други сфери и елементи во/од мото-светот. Имате ли слушнато за терминот „фул-крос?? Пун-крос. Не бе, не е пун. Со километражи и светла е. Кросче за низ град. Кинеско“ (сега, по ново, тоа. Порано со Кинези немавме никакви контакти).

Имав еден ученик (кога пред неколку години работев како професор) и тој стално ме прашуваше дали кросот ми е фул-крос. Или е обичен, за низ град.
Попусто ќе зборуваш за ендуро или супер-мото или off road bike и ќе им ги нотификуваш својствата, во кои преовладуваат различностите и ги дефинираат како ентитети. Попусто сето тоа му беше презентирано и на мојов ученик.
Не можете да замислите колку енергија и колку нервози пројдов додека се обидував да му ја објаснам суштинската поента. Не ја сфати.
Не ја сфаќаат ниту оние, кои секогаш кога продаваат некој мотор мора да „подлажнат“ барем две-три години за моделот. И не се свесни колку изгледаат смешно. А не се свесни поради тоа што не сфаќаат. Но за да сфатат, би морало да се освестат. Така е тоа во Македонија. Не сме свесни колку сме несвесни.
Зошто е потребно да секогаш кога зборуваме за некои наши лични рекорди, во смисла на максимална постигната брзина, број на учества на одредени релија, мотори кои сме ги поседувале... зошто скоро секогаш одредени наши мото-пријатели имаат потреба да не ја презентираат вистината. Зошто чувствуваат потреба да побегнат од реалноста.
А реалноста е повозбудлива од секоја можна фантазија и не случајно оваа мисла на популарниот Коелјо ја „атачирам“, намерно или ненамерно на мојава денешна колумна.
А сега да се вратиме на Малата Нинџа (иако такво нешто не постои); Kawasaki GPZ600R. Моторот кој ја измисли класата 600.
Беше октомври, 1990 (пред некои точно 36 години) и со татко ми се упативме накај Суботица по Нинџата на Tom Cruise. Но... кога ја пробав (еден Иштван Кудлик се викаше тој газдата), моторот не вртеше повеќе од 5,000 rpm и имаше некоја мака и иако бев неверојатно загреан за таков партикуларен модел, одолеав и на татко ми му кажав да не му го даваме кешот на господин Кудлик, дека се сомневам дека нешто се случува внатре во машината. Испаднав у право (радилицата отиде капут за кратко и тоа го разбрав накнадно). Како и да е, у целиот тој филм улета малава Нинџа и татко ми ми вика: „абе ај ѕирни го, пробај го, види, може ќе ти напраи ќејиф...“ Ја велам: абе ај, точак ли ќе возам... но... моторчето испадна бонбона. Навистина беше страшно и брзо и окретно и можеби еден од најдобрите „кривини френдли“ мотоцикли кој сум возел. 16ка и напред и позади и ниско тежиште. Ауспух 4 у 1 Керкер... лудило! Можете да го замислите трипот Суботица - Скопје на враќање… Три години го возев низ Скопје и остана цел тој период како клучен фрагмент у мојот мотоциклистички тоталитет урежан, заувек. Пред 11 години кога си го земав MVто F3, за таа моја одлука можда најголем удел имаше оваа Мала Нинџа, како би си го вратил филмот од Октобар 1990. И стварно, кога и да ја возам Агустава 675, денес, филмот на класата 600 шо го живеев кога имав 22 е поприсутен у тој даден моменат, поише од било кога.
И сега; има или нема Мала Нинџа? Има или нема Мало Ферари (Алфа Ромео)? Има или нема Мало 911 (987)? Има или нема Мало 916 (Cagiva Mito)?
Искача дека реалноста е преценета.
Проф. Боби Иванов,
Магистер по Филозофија
Ставовите и мислењата изразени во категоријата Колумни се на авторите и нужно не ги одразуваат официјалните позиции на Мотори.ком.мк
Коментари