Дали MotoGP е навистина најпосакуваниот мото шампионат меѓу возачите? 

20791 dcp r13 ambience full

Оваа година се возеше 73-тата сезона во MotoGP, шампионатот кој успева да го подигне адреналинот до опасни количини при секоја посета на патеките ширум светот. Нивото на возбуда е толку високо што авторот на овој текст, изминатиот (тркачки) викенд доби последна опомена од сопругата да намали со доживувањето и да внимава малку повеќе на здравјето. Но возбудата е дел од животот и затоа го сакаме овој спорт, нели? Тогаш зошто ваков глупав наслов кога знаеме дека сите возачи сакаат да возат во MotoGP?

MotoGP VS WSBK

Додека минатиот викенд беше возена последната трка во MotoGP, овој викенд беше возено финалето во другата најпрестижна мото категорија WSBK во нејзината 33-та сезона. За разлика од MotoGP, не беше само последна трка туку и финале во кое се одлучуваше титулата меѓу великанот Rea и предизвикувачот Toprak Razgatlıoğlu. Токму младиот Турчин беше причината за овој текст. Имено, откако оваа сезона покажа најголема концентрација, желба, посветеност и опасни вештини со предната сопирачка (секако и со рачката за гас), интересот кај неговата матична куќа повеќекратно се зголеми за продолжување на договорот на долг рок. И тука нема ништо спорно затоа што Toprak без многу двоумење се сложи да продолжи со Yamaha. “Проблемот” се јави откако го одби тимот на Yamaha, но оној во кој шефува Lin Jarvis во магичната MotoGP. Лисецот Jarvis сакаше да го пополни местото кое годинава со нескриена желба го ослободи Maverik Viñales. Шпанецот едноставно не успеа да го преземе лидерството во тимот во кој претходно царуваше, сега веќе пензионираната легенда, Rossi. Причина е веројатно фактот што овогодинешниот шампион беше токму младиот тимски колега Fabio Quartararo, кој едноставно се наметна како број 1 и ја покори конкуренцијата.

Одбивање на Dream team-от?

Значи зборуваме за тим со чиј мотор е освоен насловот кај возачи во MotoGP!

За да разбереме подобро кои се веројатните мотиви за ваквиот потег на првиот турски шампион во WSBK, ќе се вратиме неколку чекори и години наназад. Како син на каскадерот со мотори Arif Razgatlıoğlu, Toprak е израснат буквално на задното тркало од моторот, опкружен постојано со опасности и неизвесност. Токму во сезоната која ќе го доближи до остварувањето на неговиот сон, во 2017 година погинува неговиот татко и идол, додека ја изведува последната опасна точка на мотор во неговиот живот. Токму неговиот татко го охрабрувал дека еден ден ќе стане светски шампион. Ова се моменти кои го одредуваат натамошниот тек на животот на било кој млад човек и никој немаше да му се налути на Toprak и да се откажеше од мото трките. Но Raz реши да продолжи и да го оствари предвидувањето на неговиот починат татко. Тогаш зошто одбивање на MotoGP?

Дома си е дома

Менувањето на работни средини вклучува голем напор и стрес и зема данок на здравјето на долг рок. Во боксовите на WSBK владе пријатна, скоро како семејна атмосфера, што дозволува малку поопуштен стил на живеење и функционирање. Дополнително навикнувањето на M единицата на Yamaha, која конечно вложи финансии во проектот, му дојде како (M) кец на десетка. Менталитетот на Турците е доста близок на нашиот секако, па во комбинација со блиската несреќна историја на младиот Турчин, WSBK се чинеше како совршен дом. Публицитетот во MotoGP од друга страна знае да зашемети, па во комбинација со притисокот за постигнување на добри резултати, знае да го “согори” дури и најдобриот. Тоа и му се случи минатата сезона на младиот Fabio, но со многу работа и професионална помош успеа да ја надмине кризата и да стане шампион оваа година. Toprak многу добро го знае ова и реши да почека и да види дали ќе му се “здосади” во WSBK. Не му се лутиме, затоа што на овој начин ќе ни овозможи наместо следење на еден, следење на два неверојатни шампионата во следните 2 сезони, за колку што потпиша договор со неговиот тим Pata Yamaha во WSBK. По освојувањето на овогодинешната титула, платата и бонусите се само уште една јаготка на шлагот.

Му посакуваме добро здравје, безбедни трки и уште една успешна сезона!

Back To Top