По тестот за почетници и единствениот тим со концесии Aprilia, викендов и официјално започнува новата сезона. 

MotoGP 2022 lineup

По промоците на фабричкиот и сателитскиот тим на KTM, Gresini Ducati, Mooney VR46 Racing Ducati како и тимот на WithU RNF Yamaha, започна периодот на тестирање, а продолжија и промоциите на останатите тимови. Нема веќе криење.

Секако дека на следните тестирања ќе видиме нови решенија кои инженерите ги криеле од конкурентите, но еволуцијата во MotoGP е и онака константна низ целата сезона. ,

Следна промоција имаше тимот на Pramac Ducati која по 10 години започнува сезона со нов тимски шеф. На местото на Francesco Guidotti кој прејде во KTM, доаѓа мустаќлијата Claudio Calabresi кој не е непознат и нов во компанијата затоа што го водеше проектот Octo Pramac MotoE.

Моторите се проверени победници и најнова генерација Ducati Desmosedici GP22 така што нема оправдување за лоши резултати. Особено за Johann Zarco кој си ја прокоцка шансата минатата година кога по одличниот почеток кој го доведе до борба за титула како да попушти под притисокот по што дојдоа серија на грешки. На промоцијата го направи карактеристичното салто наназад, но дали ќе го видиме тоа и на крај од некоја од трките е прашање кое може само да одговори Французинот.

Johann Zarco 2022

Од друга страна ланскиот најдобар “rookie” Jorge Martin има се поголеми апетити и делува како да ќе атакува на титулата. Во 2021 покажа дека знае да вози, знае да влегува во дуели, знае да се врати од тешка повреда и да победи. 

Секако генералната цел е да се одбрани титулата за најдобар независен тим...и уште нешто плус.

Деновиве беа промовирани двата тима кои имаат уште нешто заедничко покрај потеклото.

Team Suzuki Ecstar го претстави новиот Suzuki GSX-RR кој доби повеќе црна боја оваа сезона. Комбинациите на бои е многу слична на минатата година, но тоа и не им е многу битно на гладните за победа шампионот од 2020 година Joan Mir и Alex Rins за кој ова е можеби последна можност. Сите знаеме дека Rins знае да победи, доколку остане на моторот. Mir од друга страна е веројатно еден од стратегиски најспремните возачи. Начинот на која ја гради трката го докажува ова. Само уште инженерите од Hamamatsu да успеале да извлечат некоја коњска сила повеќе и ќе биде совршен пакет. 

Team Suzuki Ecstar 2022

Празното место кое го остави тимскиот шеф Davide Brivio сеуште нема соодветна замена, па ќе видиме што ќе се случи на тој план. Секако договорот на Mir истекува до крајот на сезоната, па ќе мора да се покаже прогрес уште од самиот старт.

Слична е приказната кај нивните колеги од Iwata кои во истиот ден го промовираа фабричкиот тим Monster Energy Yamaha. Бранителот на титулата Fabio Quartararo не сака да биде реприза на Joan Mir, кој немаше баш можност да си ја одбрани титулата. Французинот знае да го извлече максимумот од неговиот M1, но дали е веќе достигнат максимумот кој е понизок од конкурентите? Fabio веќе при крајот на ланската сезона покажа нервоза, но заради одличниот старт на сезоната сепак успеа да го победи Pecco кој проработи во втората половина од сезоната.

Yamaha Team 2022

Значи и тука се бара поголема моќност од редниот четирицилиндричен мотор како кај колегите од Suzuki. Инаку и двата мотори се познати по тоа шшто имаат одлична управливост.

Другиот возач Итало-Бразилецот Franco Morbidelli е уште еден потенцијален шампион, кој ја заврши сезоната 2020 како вице шампион. Ланската сезона немаше многу можност да се докаже на 2 години стариот мотор и повредите, но Franky е гладен за успех и доволно брз и интелигентен за да покаже што знае сезонава.

Продолжен е и договорот со тест возачот Cal Crutchlow на уште 2 години.

Како што кажавме на почетокот започнаа тестирањата за почетниците на кои своите први километри ги извозеа Bezzecchi и Di Giannantonio на Ducati, Fernandez и повредениот Gardner, D.Binder на Yamaha, како и тест возачите на Suzuki, Ducati, Honda и KTM, како и концесионерите Aprilia кои пукаа од сите оружја. Им се може! Maverick леташе на патеката и делува препородено. Како ќе котира во однос на останатите ќе видиме.

Викендов на тестирањата во Sepang им се придружуваат и останатите официјални возачи, по што конечно ќе можеме да уживаме во играта на погодување кој завршил најдобра работа и кој е потенцијален кандидат за титулата.  

Еве ги резултатите од првиот ден, има мали изнендувања, не дека не.

Sepang test 2022 results

Back To Top