Втората трка која викендов се возеше на патеката во Романија му донесе уште еден подиум на Слободан Ивчески.
Викендов на патеката „Моторспорт Романиа“ во Аданката (Романија) се возеше втората рунда од БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам.
Македонија имаше тројца претставници во Романија, а на вчерашниот прв ден од трките беа забележани подобри резултати откако го видовме Ивчески на победничкиот пиедестал, Бузалковски на подиумот, а Спиров заврши четврти.
На патеката долга 4129 метри правецот е со должина од 960 метри но се постигнуваат помали брзини отколку на Серес. Конфигурацијата на патеката и бројните свиоци не дозволуваат да се развијат поголеми брзини, а станува збор за навистина техничка патека.
Неделните трки започнаа поинаку од предвиденото, заради временските услови квалификациите беа откажани, а на возачите им беше кажано дека ќе стартуваат според времињата кои ги имаа забележано на претходната трка. Иако до крајот на денот не заврна, возачите имаа можност да излезат на патеката за загревањето и потоа да се подготват за трката.
Во класата F1000 Слободан Ивчески (МК Сакамото) стартуваше од првата позиција, а Игор Спиров (МК Ендуро Тим - Водно) од четвртата. За жал нашите возачи не успеаа да ги задржат почетните позиции па на крајот Ивчески мораше да се задоволи со третата позиција, а Спиров со петтата.
Во класата SP125 Христијан Бузалковски (МК Ендуро тим - Водно) имаше послаб настап отколку на првата трка и на крајот остана без пласман на подиумот. До четвртата позиција тој дојде во конкуренција на 10 возачи.
Нашите возачи постигнаа солидни резултати на трките во Романија каде временските услови беа далеку од идеални. До сега се извозени 4 трки од вкупно 14 колку што се предвидени според следниот распоред:
Балкански шампионат во брзински мотоциклизам 2017 | |||
Трка | Датум | Патека | Земја |
1 и 2 | 7-9 април | Серес | Грција |
3 и 4 | 22-23 април | Мотор Парк | Романија |
5 | 29-30 април | Плевен | Бугарија |
6 и 7 | 20-22 мај | Мотор Парк | Романија |
8 и 9 | 7-9 јули | Серез | Грција |
10 | 26-27 август | Плевен | Бугарија |
11 | 23-24 септември | Батајница | Србија |
12 | 01-02 октомври | Плевен | Бугарија |
13 и 14 | 27-29 октомври | Серез | Грција |