Пред повеќе од 30 години не постоеше ниту интернет ниту пак нешто како сајт или јавен форум на него. Сепак тоа не значи дека немало медиуми преку кои се правеле обиди за популаризирање на тематиката која денес ја обработува нашиов сајт motori.com.mk

minchavatar.jpg

Така, заееднички дојдовме до идеата дека можеби ќе биде интересно тука да реобјавиме еден таков авторски текст, напишан во далечната 1978год. и објавен во тогашниот младински весник "Млад борец".  И на мене самиот, иако автор, од денешен аспект читан, во некоја рака ми изгледа напишан со по малку чуден стил. Читајќи го денес, секако мора да ги земеме предвид добата, тогашниот државен систем и видот на медиумот во кој е објавен.

Како и да е овој текст беше избран и награден како "
напис на годината" од сите објавени, без разлика на темите, за 1978 год.

javajki1.jpg

Се надевам дека некого ќе го заинтересира да го прочита како дел од "Македонската моторџиска историја" или како едно "моторџиско размислување" за сопствената пасија од тоа време, но и денешна.

*(не) обични пасии - Јавајќи со ветрот
• Групите млади – моторизирани јавачи кај нас станаа не само секојдневна слика, туку и интересен феномен. Што е она што овие млади луѓе ги инспирира во нивните звучни освојувања на километрите? Донесуваме запис на еден од нив

Можеби моторциклите се и еден вид мода, а младиот човек секако е најподложен на феномените на оваа денешна "индустријализирана" мода. Тоа се, веројатно, главните причини за една ваква појава меѓу младите, барем онака како што тоа јас го чувствувам како "еден од нив".

Како јас започнав?

javajki2.jpgОтсекогаш сум се интересирал и сум ја негувал во себе љубовта кон техниката. Голема преокупација ми беше "чудесниот свет на машините", тие "изумени имитации на живиот свет". И кај мене, таа љубов потекна од постојаните и настојчиви контакти со оваа современа, урбанизирана и цивилизирана средина. Моторциклот беше она што воглавно ми ја исполнуваше таа љубов и слободното време како многу сакан хоби. Кај мене, а верувам таков е случајот и кај другите момчиња што се бават со истата работа, се започна во таканаречените луди години. Моторциклот беше, можеби, единственото материјално нешто што сметав дека можам потполно да го почувствувам "како свое", а кога една работа се посакува, таа се негува и се чува, се чувствува како дел од себе. Моторциклот е нешто што обезбедува независност во поглед на местото каде што сакате да се наоѓате во моментот. Ги напојува чувствата и желбата за динамичност, што се толку карактеристични за еден млад човек. Живеете со тоа дека никој не е во состојба да ви пречи во остварувањето на желбата да се наоѓате пет километри подалеку, во рок од пет минути, од онаму каде што сте. На некој начин, со него потполно ја чувствувате слободата на младоста. Растојанијата од десетици и повеќе километри стануваат сосема небитни. Во потполност, можеби, се доаѓа до состојба да се живее во некаква "младешка лудост". Ако живеете во Скопје и во летните месеци сакате да избегате од пеколот на вжештениот асфалт на градот, за половина час можете да се најдете на езерото "Младост" кај Титов Велес, на капење, за два часа подоцна да бидете повторно дома  на ручек. Освен тоа, патувањето со моторцикл во летните денови е многу пријатно. Постојано го чувствувате ветерот што пријатно ве разладува, колоните од автомобили не ве нервираат ниту пречат, бидејќи во секое време можат да се престигнат. Се разбира, брзината на патувањето зависи од коњските сили на вашиот "железен коњ", но во принцип, моторциклот е побрзо средство за патување од автомобилот, иако, воглавно, се уште владее мислењето дека тоа не може да биде вистина. Денес постојат моторцикли со повеќе коњски сили од еден просечен автомобил, иако кај нас се, воглавно, ретки, но затоа се, обично, постојан сон на нашите "моторџии".

Илузијата за слободата - до првата бензинска станица

Возењето со моторцикл чини пари. Пред се за бензин и за одржување на моторот, кое, кога се работи за една ваква љубов, е многу педантно, но и покрај тоа моторциклот, сепак, останува најекономично моторно возило. Затоа моторциклистите често пати се откажуваат дури и од промена на својата гардероба или се снаоѓаат работејќи најразлични работи, за да си го овозможат тоа задоволство. Со моторцикл можете да се качувате дури и по козји патеки, по планините, за да ја почувствувате природата поодблизу, макар што, можеби, некому со издувните гасови ќе му попречите во остварувањето на истата желба. Со овој "модерен коњ" можат да се прават исти такви скокови како и со оној вистинскиот, старомоден, и може да се сака токму како да е жив, бидејќи и тој на некој начин, се тимари, чисти, гали и храни. Сето тоа никогаш не може да се доживее во затворената кабина на автомобилот, седејќи удобно наслонет во меките седишта.

Освен тоа, директно е присутно чувството на припадност на Младоста, зошто ретки се моторциклистите постари од дваесет и пет години. Но, сигурно, помеѓу сите овие задоволства најголемото е кога се патува на долги стази, кога се запознаваат нови места и нови пријатели ширум светот. Барем за мене тоа отсекогаш било "она вистинското". Во секој момент се чувствувате сигурен дека, ако ви се случи дефект, првиот моторциклист што ќе наиде ќе застане и ќе ви помогне без разлика дали е Француз, Германец, Шпанец или Југословен, што не е секогаш случај со автомобилистите. Се чувствувате како посебна категорија, посебна класа на луѓе во интернационални размери.

Сепак, не е се ни толку идилично. Пред се поради многуте опасности кои демнат во сообраќајот. Поради својата конструкција, моторциклите се возила кои што не обезбедуваат сигурност, стабилност и заштитеност во случај на сообраќајна незгода или временска непогода. Освен оние убави задоволства моторциклистите имаат и многу проблеми кои што ги познавам од лично искуство стекнато после повеќе од 50.000 километри, "пројавани со ветрот". Слободата на "моторџијата" се разбива во сета своја привлечна илузорност, освен тоа, на првата бензинска станица. И имагинарната слобода на моторниот јавач има свои граници.

Опасностите на мото - идилата

Мотоциклот е сезонско возило "неупотребливо" зиме, но и летниот дожд е голем проблем за сите јавачи на "железниот коњ". Воопшто не е интересно да се лежи во болница со "по некоја" скршена коска, со болки во бубрезите или зглобовите, а да не зборуваме за нешто уште потрагично што е тукуречи, скоро, секојдневие. Ризикувањето и опасностите се големи, а нивното прифаќање е карактеристично за младешката непромисленост. Но, љубовта е голема и многу често успева да ги надвладее болките. Многу од оние вистински вљубеници на моторциклизмот и покрај сето тоа, ќе одговорат дека пак би сакале да "јаваат".

Сонот, и покрај сето тоа, често останува да се именува: Хонда, Сузуки, Јамаха, Кавасаки.

Меѓу "патешествието" и авантурата

Чувам во себе безбројни авантуристички  доживувања и спомени посебно од моите патувања низ Југославија, европските и земјите на северна Африка. Само ако сте вистински вљубеник во овој начин на патување ќе можете да го разберете тоа задоволство. Половина од целокупното доживување претставуваат и подготовките за него. Неделите поминати во гаражата во почетокот на летниот распуст се исто така своевидно задоволство. Ве восхитува, дури и самата помисла на илјадниците километри по светот, што ви претстојат и вие живеете со нив и за нив.

Не можам, а да не зборувам со љубов за средството што ми овозможи денес да поседувам полни албуми со фотографии од автострадите на Италија, градовите Рим, Неапол, островот Сицилија, пустинските оази во Сахара на Тунис, Либија, Египет. Дури и многубројните попатни неволји, толку тешко проблематични во моментот, во спомените живеат како дел од комплетното животно задоволство. Дури и доживеаниот топлотен удар во Либиската пустина денес ми се чини како нешто што "би можело", дури и да се доживее.

За средбите со други млади луѓе од разни земји, за измените на искуствата, за бескрајните разговори во кои восхитено покрај малиот оган во некаква вечерна атмосфера и топлиот напиток, им раскажувате за вашата земја, зборувате за сите младешки теми, не е ни можно да се прикажува. Тоа, секако, треба да се доживее.

Сето она единство во кое цврсто ве поврзува моторциклот, сите нови пријателства склучувани на "стотиот километар" се потврда на силната врска на младата генерација, независно од јазикот со кој се служат, независно од националноста, расата...

Но, на крајот, обично, и оваа генерација, која што толку се трудеше да биде различна од претходната, сепак, "ја победува" комфорот, удобноста и "редот во животот", сосем давајќи му за право на изразот: "Се во свое време".

Емил Минчев

Back To Top