thumb_Custombike-Show_-29По пат на шега спомнавме, да се биде дел од овие два престижни настани е исто како да се убијат две муви со еден удар. Импресиите сеуште не држеа од минатата година..

Custombike-Show_-29

По пат на шега спомнавме, да се биде дел од овие два престижни настани е исто како да се убијат две муви со еден удар. Импресиите сеуште не држеа од минатата година, а секој изминат километар од Македонија до Paderborn, па Bad Salzuflen и назад апсолутно се исплатеше. Додека го пишувам овој текст, мислите ми се насочени кон изминатиот инспиративен викенд и екстраординарното време поминато таму. Посакувам сето ова да траеше подолго.

Агендата на настанот одприлика оди вака:

Пристигнувањето и сместувањето, доколку не се задоцни се случува во Петок (2ри Декември). Навреме букиравме сместување па Fitti (CC Paderborn REP) не смести во локалниот хотел Викторија, на само 4-5 километри од клабхаусот на Chopper Club Paderborn (http://www.chopperclub-paderborn.de/).

Custombike-Show_-192Хотелите кои Fitti ги подготви за гостите беа повеќе од она што го очекувавме. А сето тоа чинеше прилично ефтино споредено со цените во Германија или пак со Македонските стандарди.

Клабхаусот на Chopper Club Paderborn се наоѓа на самиот излез од градот до главниот пат, близу до цивилизацијата но сепак далеку од очите на јавноста. Сместен е во еден објект во околната шума, адаптиран за намените на клубот. Клабхаусот е познат по големата врева па затоа локацијата е идеално место за сите забави и собирања да се одвиваат непречено, без да се пожали локалното население.

Главната забава наречена Satan Claus party планирана е да се одржи во клабхаусот во Сабота навечер (3ти Декември), но затоа што гости има присутни од Петок па се до Недела, забавата всушност трае непрекинато сите 3 дена.

Custombike-Show_-296По краткиот одмор во хотелот штом настапи ноќта веднаш се упативме до клабхаусот каде што приметивме дека покрај браќата од Chopper Club, пристигнале и Fluminense Riders MC од Ријека во Хрватска. Chopper Club оваа година во Јуни го посети нивниот мото собир во Клана, па Fluminense Riders MC (http://www.fluminense-riders.com/) не удостоија со нивното ценето присуство неколку месеци подоцна токму на оваа клубска забава.

Satan Claus party е дел од календарот на настани кој Chopper Club ги организира во текот на годината и отворен е за јавноста. На него може да присуствуваат сите заинтересирани но само со предходна најава на индивидуалци или клубови. Многумина од Chopper Club сметаат дека петочните спонтани забави се понекогаш подобри од главната вечер. Не се сложувам со тоа, затоа што мислам дека секој изминат момент тој викенд е всушност дел од забавата. И времето не послужи па беше потопло одколку во Македонија. Chopper Club и гостите, делумно забавата ја минаа и во дворот на клабхаусот.

Custombike-Show_-295Сепак морам да ја спомнам петочната вечер, помината во клабхаусот на која никој не остана рамнодушен. Доброто расположение кај сите присутни и атмосферата тешко е да се опише. Неопходно е да се искуси! Веројатно одтаму и доаѓа тврдењето за спонтаните петочни забави. Интересно беше покрај официјално прифатениот Англиски јазик како интернационален во Chopper Club, на забавата можеше да се чуе Македонски и Хрватски. Chopper Club Paderborn се погрижи никој да не остане жеден или незадоволен. Најтврдокорните од забавата си заминаа на спиење околу 5 часот изутрина. Меѓу најтврдокорните пак морам да ги споменам Македонците и Хрватите. Се надминаа себеси и овој пат.

Неколку часа подоцна веќе требаше да се разбудат сите, затоа што веднаш по доручекот Chopper Club Paderborn организира специјален автобуски превоз до најголемото Custombike Show во Европа кое се одржува традиционално во соседниот град Bad Salzuflen. Големиот саемски комплекс во тој град овозможува услови за одржување на еден ваков голем и мошне инспиративен настан на кој има преку 500 рачно изработени моторцикли, и стотици фирми, уметници, изведувачи, фабрикатори, и промотери.

Бројот на гостите кој го посетиле овој настан во Bad Salzuflen ќе биде дополнително објавен на официјалниот сајт http://www.custombike-show.de/.

Custombike-Show_-4На настанот можеше не само да се види кремот на светската Custom Bike култура туку и да се купат многу делови, опрема, алат и дребности што живот значат на кратко кажано. Секој промотер на своевиден начин го привлекуваше вниманието на посетителите. Во просторот резервиран za King Kerosin (http://www.king-kerosin.com/_) покрај нивните производи имаше и мини бар, со шанк и мини сцена на која постојано имаше рок концерти во живо со жестоки бендови.

Нешто слично се случуваше еден спрат погоре, на штандот на H.D. каде што имаше неколку стриптиз настапи дневно, на вистинските шанкови со вградени шипки за професионалните стриптизети во пин ап стил.

Custombike-Show_-344Други излагачи своите гости и клиенти ги пречекуваа нудејќи им пијачка во џакузи кади, или пак нудеа фотографирање со девојки од кои застанува здивот. Сето ова не значи дека најдобри биле оние кои на досетливи начини го привлекувале вниманието на гостите. Напротив, компанијата Easyriders од Токио (www.easyriders.jp) и оваа година беше присутна таму, и ги промовираше своите уникатни делови. Иако многу познати и екстравагантни Easyriders – Japan без многу врева и чад мирно на својот штанд ги промовираа најновите супер креативни производи за следната година.

Масаказу (нагалено Маса) сопственикот на компанијата буквално погледот не го одвои од својот мобилен телефон за целото време на манифестацијата. Единствено јас успеав да го одвлечам за миг неговото внимание, да се поздравам со него и да разменам неколку реченици со мојот скромен Јапонски јазик.

Потоа во негов стил пак се врати кон интензивно и заинтересирано гледање во телефонот. Тешко разбирливо за жителите од нејапонско подрачје.

Да се наброи што се имаше на овогодинешниот настан Custombike Show, просторот во текстот нема да ми го дозволи тоа.

Накратко и правилно ќе биде ако се напише; а што немаше таму?

Custombike-Show_-410Ја проследивме и презентацијата на познатиот за нашето подрачје - Акрапович, која всушност беше интересна колаборација меѓу фирмата Акрапович и Dream Mashine од Словенија. Тие се презентираа со рачно изработениот мотоцикл Морсус, меѓу нас популарно наречен Мортус, во чија што изработката верувам имаше имплементирано многу титаниум. Радикална креација со предно и задно тркало од 26 инчи. Момците од Dream Mashine докажаа со ова дело дека се повеќе од квалификувани и способни да доминираат во многу радикални стилови, за разлика од колегите кои како да се трудат да изработуваат типично трендовски мотоцикли, кои досадно подсетуваат еден на друг. Повеќе информации за Dream Mashine и Мортус; http://www.dreamachine-motorcycles.com/ или пак нивното видео; http://vimeo.com/24791420

Гостите на настанот беа во можност да проследат и надпревар во живо, изработка на два custom моторцикли во рок од три дена колку што трае целата манифестација. Победникот за кого што гласаат гостите добива бесплатен транспорт и учество во Sturgis (Јужна Дакота) 2012 година на светскиот шампионат за избор на custom мотоцикл на годината. http://www.amdchampionship.com/. Овој пат меѓусебно се надпреваруваа Béla Börden против Frank Sander, или пак ако сакате Германија против Швајцарија. Секој посетител кој купил билет за оваа манифестација може да го искористи за гласање во овој надпревар, а дополнително секој што гласал по случаен избор може да стане и добитник на двата мотоцикли кој треба да се доделат на среќните добитници во Недела навечер. Едниот Victory од Polaris и другиот Harley Davidston 1200 Sportster.

Custombike-Show_-223

Еден од двајцата надпреварувачи со своето дело изработено на Custombike show заминува наскоро за Sturgis каде што ќе се надпреварува против најдобрите од најдобрите на светско ниво. На победникот од Custombike show му посакувам успех, иако не успеав да останам до крај да видам кој победи. Бев присутен додека да чујам како и двата мотоцикли запалија на сцена за прв пат. Тоа е услов за понатамошно броење на гласовите. Ако еден од двата мотоцикли не запали на сцена, автоматски губи право да се надпреварува. Повеќе информации околу надпреварот во живо сигурно веќе се објавени на официјалниот сајт на Custombike Show.

Вечерта во Сабота назад во клабхаусот на Chopper Club Paderborn, бројот на присутните се зголеми тројно или повеќе за разлика од Петокот. Покрај клубските членови од повеќе земји каде што Chopper Club е распространет, се забележуваа индивидуалци и други клубови од околината. А гореспоменати тврдокорни од фамозната Петочна вечер, Саботната забава ја поминаа поскромно и простор за докажување им одстапија на новите звезди, како и на останатите околу нив.

Custombike-Show_-331Саботната вечер во клабхаусот ја збогати уште еден значаен настан, а тоа беше презентација на новиот front patch (small diamond) на Chopper Club кој достојно ке го носи уште еден Македонец повеќе. Презентацијата беше направена јавно од страна на комитетот на Chopper Club Germany, но присутни беа и членови на комитетите на Chopper Club од другите земји. Причина повеќе за уште една жестока Саботна прослава!

Chopper Club Paderborn и оваа година ангажираа неколку шанкерки облечени како расипани баба мразици за да ги услужат попријатно жедните и весели гости. Chopper Club Paderborn се имаат докажано и предходно како организатори на Euro Run 2010 токму во Paderborn. Euro Run е најголемиот собир на Chopper Club, кој што се одржува еднаш годишно секогаш на различно место повеќе од 35 години. Во продолжение на оваа репортажа еве и 2 видеа од тој настан:

http://www.youtube.com/watch?v=HCDGyWdsbco&feature=related

http://www.youtube.com/watch?v=dDuxxrBt9XI&feature=related

Од смешните моменти како дополнување на овој текст треба да се спомне и деталот за продавачот на пилешки специјалитети на скара, и гермаски колбаси, во мобилната кујна пред клабхоусот кој што Fitti го ангажирал по случаен избор, тој проговори на течен струмички дијалект штом не слушна како зборуваме меѓу нас.

Нешто несекојдневно за Северозападна германија, затоа што концентрацијата на Македонци кои работат и престојуваат во Германија е всушност јужно.

За галеријата од настанот (повеќе од 350 фотографии) кликнете овде.

Жалам што не можевме да останеме до Недела навечер и моравме да заминеме назад овој пат порано. Верувам дека ќе имаше уште многу повеќе да се наведе во оваа репортажа. Но едно е сигурно, уште од сега знам дека следната година овој датум ќе биде резервиран за мојата агенда на зимски настани кој повторно ќе го посетам со задоволство.

Текст и фото
модератор Љубиша Петровски

Back To Top