Red Bull Honda потврди дека поранешната ѕвезда во Светскиот Супербајк шампионат, Давид Џулиано, ќе настапи за нивниот тим на дводневниот тест во Лаусицринг

Red Bull Honda потврди дека поранешната ѕвезда во Светскиот Супербајк шампионат, Давид Џулиано, ќе настапи за нивниот тим на дводневниот тест во Лаусицринг бидејќи Стефан Бредл ќе вози за Honda F.C.C. TSR на трката Suzuka 8 Hours.

dzuliano

Оваа информација веќе подолго време се спомнуваше, а утрово доби и официјална потврда. Џилиано ја започна сезоната 2017 во Британскиот Супербајк шампионат настапувајќи за Tyco BMW но веќе на втората трка тој се здоби со повреда, а минатиот месец одлучи и спогодбено да го раскине договорот со тимот. Оттогаш Италијанецот се обидува да се врати на трките.

Џулиано ќе му се приклучи на Микеле Мањони, кој е исто така тест возач на Red Bull Honda, на тестот во Лаусицринг, со цел двајцата да обезбедат што е можно повеќе информации во однос на новите делови кои се планираат да се воведат на новиот Honda Fireblade.

„Со оглед на големата пауза, напорно работиме со цел нашиот мотоцикл да биде подготвен за вториот дел од сезоната,“ изјави тимскиот менаџер, Роналд Тен Кате. „Овој тест ќе ни даде можност да испробаме некои нови работи и да го подобриме мотоциклот. Би сакал да им се заблагодарам на Микеле и на нашиот специјален тест возач, Давид Џулиано. Сигурен сум дека нивниот придонес ќе биде од големо значење за тимот, а исто така и за Стефан кој во моментов се наоѓа во Јапонија.“

Дводневниот тест на Red Bull Honda ќе се оддржи во Лаусицринг на 25-ти и 26-ти Јули.

Back To Top