Aprilia нема да ги задржи услугите на Сем Ловс во сезоната 2018 и наместо него тимот се одлучи да го ангажира Скот Рединг.

Веднаш откако беше објавено дека Џек Милер ќе премине во тимот на Pramac Ducati, Aprilia се одлучи да потпише договор со Рединг. Со овој потег, Англичанецот повторно ќе соработува со Фаусто Гресини откако веќе еднаш возеше за него за време на дебитанската сезона во 2014 година. Рединг потоа премина во Marc VDS додека пак Гресини ги здружи силите со Aprilia. Во 2018, Рединг ќе настапува покрај Алеш Еспаргаро кој оваа сезона веќе постигна неколку импресивни резултати. Ловс сега ќе мора да бара некоја алтернатива за следната сезона која требаше да биде негова втора во MotoGP серијата.

mugello 2017 gp

Минатиот петок директорот на Aprilia, Романо Албесиано, изјави дека Ловс има две трки за да ја заслужи довербата на Aprilia. „Сем покажа знаци на подобрување. Навистина се надевам дека ќе продолжи така и во иднина.“

Но сепак, една недела подоцна се чини дека Aprilia реши во свој тим да има друг англичанец. Уште за време на трката во Каталуња, тимскиот шеф на Aprilia изјави дека екипата разговара со неколку возачи кои би го зазеле местото на Ловс во тимот. Во овој момент, Ловс има проблеми да се адаптира на прототипот кој развива 260кс, а имаше и сериозна повреда на грбот.  

На трките во Асен и Заксенринг се појавија знаци на подобрување кај Ловс. После средбата со тимските шефови за време на летната пауза, Ловс се врати на патеката во Брно со очекување дека неговиот мотоцикл ќе биде речиси идентичен со оној на Еспаргаро. Но позицијата која ја освои не беше доволна да ја убеди управата на Aprilia да ги задржи неговите услуги.

Ваквата вест е добра за Рединг кој веќе претходно изјави дека сака да остане во MotoGP. „Мислам дека имам потенцијал и само треба да го најдам вистинското решение за мене во моментов. Всушност, нема повеќе опции туку само една,“ изјави Рединг.

Back To Top