„Ме потсетува малку на мене кога прв пат дојдов во MotoGP“ – Марк Маркез

Актуелниот Светски шампион, Марк Маркез, го поддржа агресивниот стил на дебитантот Јохан Зарко, велејќи притоа дека тоа е вистинскиот начин за да го научиш лимитот во MotoGP.

Возачот на Monster Yamaha Tech 3, кој на големо изненадување, пред да падне беше во водство на трката во Катар, повторно се најде во центарот на вниманието откако успеа да ги претекне Валентино Роси, Маверик Вињалес, Кал Кратчлоу, Андреа Ианоне и Маркез во првите неколку круга на трката која се возеше во Шпанија.

zarco markez

Шампионот од Moto2 серијата се обиде да го претекне и лидерот на трката, Дани Педроса, но сепак беше принуден да се откаже од таа намера. Најпрвин Маркез, а потоа и Лоренцо го претекнаа Французинот кој на крајот сепак го постигна својот најдобар MotoGP резултат откако заврши како четврти. Притоа, Зарко беше и најдобриот возач на Yamaha на трката.

„Зарко возеше импресивно уште на трката во Катар. Тука неколку круга се борев со него, пред се бидејќи мојата задна гума не беше во најдобра состојба, а покрај тоа тој притискаше навистина силно. Многу ме потсетува не мене кога прв пат дојдов во MotoGP. Агресивен, притиска до крај. Ако сака да научи мора да биде таков. Мора да притисне уште од самиот почеток.“

Лоренцо внимаваше на Французинот во поголем дел од трката и на крајот успеа да го освои првиот подиум со тимот на Ducati.

„Ми се допаѓа ставот на Јохан бидејќи тој размислува само на тркањето, тренира напорно и е многу одлучен кога е на мотоциклот. Два пати ја освои титулата во Moto2 шампионатот и тоа покажува колку само тој е добар. Кога си дебитант и кога возиш за Yamaha дополнително ти се зголемува самодовербата. Тој е лесен мотоцикл но исто така и многу брз.“

Зарко, кој доби критики од Роси поради контактот на трката во Остин, доби предупредување и од Лоренцо.

„Тој е многу одлучен. Понекогаш и премногу, особено кога се бори со останатите возачи. Треба да биде малку повнимателен бидејќи овие мотоцикли се поголеми отколку оние во Moto2. Но ми се допаѓа неговиот пристап и тој е навистина квалитетен возач.“

И покрај тоа што не успеа да ја заврши трката во Катар, Зарко во моментов се наоѓа на шестото место во шампионатот и е најдобриот сателитски возач.

Back To Top