Техничкиот директор на Ducati ги идентификуваше двата теста кои беа клучни за успехот на Ducati во 2017.

Џиџи Далиња верува дека способноста на Ducati да се бори за титулата минатата сезона после тешкиот старт на годината беше најдобриот момент во 2017 година. Тој ги потенцираше тестовите кои се оддржаа помеѓу трките во Шпанија, Франција и Италија како клуч за успехот кој Андреа Довициозо го постигна минатата година.

699357

Ducati ја имаше најдобрата сезона во Гран При серијата после титулата на Кејси Стонер пред десетина години. Довициозо постигна шест победи, освои 261 поен и се до крајот имаше шанса за освојување на титулата.

Но иако Desmosedici во втората половина на сезоната ќе стане најбалансираниот мотоцикл на патеката, тешкотиите со маневрирањето при менување на правецот на движење беше главен проблем во првите неколку трки од сезоната. После трката во Остин, Довициозо и јавно го искажа своето незадоволство.

После Шпанската Гран При трка, Довициозо и неговиот тимски колега Хорхе Лоренцо тестираа на патеката во Муџело. Тридневни тестови следуваа веднаш по трката за големата награда на Франција, а Далиња вели дека веднаш по таа трка, на тимот и на возачите им станало јасно дека имаат нешто посебно.

„Навистина сум среќен,“ изјави Далиња. „Секако дека не сум задоволен од конечниот резултат бидејќи на крајот завршивме на второто место но сепак сум задоволен поради подобрувањето кое го имавме на крајот на сезоната. Навистина сум среќен од перформансите на нашите возачи и задоволен сум од начинот на кој реагираа луѓето во Ducati.

„Не е лесно да се вратиш после ситуации какви што имавме ние на почетокот на сезоната. Но се започна после тестовите во Барселона и Муџело. Постигнавме значаен напредок во однос на перформансите на нашиот мотоцикл. “

„Возачите, пред се Довициозо, завршија одлична работа започнувајќи од трката во Муџело. Се до последните шест круга од сезоната се боревме за титулата. Затоа сум горд што сум тука после таква сезона.“

Шефот на фабричкиот тим, Давиде Тардози, вели: „Јасно ни е дека Муџело и Барселона ја променија нашата сезона. Откривме нешто после тестот во Шпанија. Ни стана јасно дека имаме нешто што на крајот би можело да биде добро.Тоа го потврдивме и во Мугело.“

„Од тогаш па се до крајот бевме компетитивни. А во тие две трки ни стана јасно дека можеме да бидеме на врвот. Таму Довициозо го најде својот баланс.“

Иако првите луѓе на Ducati не сакаа да откриваат што ја промени нивната сезона, сепак една техничка промена е очигледна: Преминот од мек на потврд преден пневматик. Иронично но ниту Довициозо ниту Лоренцо не го преферираа овој пневматик после трката во Херез.

„Не знам што да кажам. Навистина се карав со претставниците на Michelin на патеката во Херез бидејќи не сакав да го користам тој пневматик. Сите сакаа да ја користат таа гума за време на нашата домашна трка во Муџело. Но јас не се сложував со нив.“

„Но вистина е, после таа трка почнавме да постигнуваме навистина добри резултати. Како што кажав и претходно, значително се подобривме после тестовите во Муџело и Каталуња“.

Во однос на проблемите при вртењето, Далиња вели дека тоа ќе биде главниот фокус во текот на зимските месеци.

„Мотоциклот има некои навистина добри делови. Но секако, има и работи со кои имаме проблем, како што е при средина на свиокот. Имаме некои идеи и мораме да тестираме тука и во Херез за да најдеме начин како да го решиме овој проблем.“

„Ќе работиме на сите аспекти на мотоциклот: моторот, електрониката - иако тука сме навистина силни. Но нашиот главен фокус ќе биде на решавање на проблемот кога се наоѓаме на средина на свиокот. Мислам дека на две трки имавме голем проблем поради тоа. Сакаме да направиме нешто и да го решиме тој проблем.“

Back To Top