Викендов на патеката Јаница во Грција се возеше првата рунда од Балканскиот шампионат во мотокрос.

Балканскиот шампионат во мотокрос започна викендов со првата рунда која се возеше на патеката Јаница во Грција. 12-те претставници на МФМ се враќаат со измешани емоции, а најголем успех секако претставува второто место на Христијан Илиоски во класата МХ1.

mx janica 2016 110

Во саботата се возеше првата трка во класата МХ (и МХ Ветерани) во која настапија Борче Костов (МК Ноќни Волци) и Јован Стојков (МК Мотостарс). Трката почна одлично за нив двајцата и во конкуренција на 23 возачи тие се најдоа на 11 и 12 позиција. Борбата за место погоре доведе до грешка на Стојков кој излета од патеката на неколку кругови пред крајот на трката, а Костов забележа одличен резултат и првите бодови во ова натпреварување. Борче Костов кој се бодува во класата МХ Ветерани на првата трка беше на одличната шеста позиција.

mx janica 2016 73

Втората трка во класата МХ беше прва во неделата и привлече големо внимание кај публиката. Борче Костов и Јован Стојков повторно беа во нашиот фокус, Стојков возеше со повреда по првата трка но тоа не го поколеба да се најде на стартот заедно со останатите 22 возачи. Одлична борба и возбудлива трка која на крајот заврши со 12 позиција за Стојков и 13 за Костов. Костов во класата МХ Ветерани на втората трка се најде на 7-та позиција.

mx janica 2016 53

Во оваа класа се натпреваруваа и двајца возачи од Грција како возачи на МК Мото ВелесПанајотис Сидеропулос и Атанасиос Папаниколау во првата трка ја забележаа 20-та и 22-та позиција, додека пак во втората трка Атанасиос се искачи на 10-та позиција, а Панајотис беше 21-ви.

Следуваа трките од класата МХ2 (и МХ2 Јуниор) во која МФМ имаше 5 претставници. На квалификациите најдобар беше Христијан Станковиќ (МК Мотостарс), а истото се потврди и на трките. Станковиќ имаше неверојатен старт на првата трка и во првиот свиок се најде на втората позиција иако на квалификациите имаше 18-то време во конкуренција на 36 возачи. За жал по само 3 круга неговиот мотор откажа па Станковиќ мораше да се прости со бодовите од првата трка.

mx janica 2016 88

Стартот на втората трка за Станковиќ беше исто така одличен, тој повторно се избори за предниот дел од колоната во ситуација во која 36 возачи се обидуваат да дојдат до првиот свиок. Тој успеа да дојде до 4-та позиција на стартот но подоцна загуби повеќе позиции па на крајот мораше да се задоволи со 18-та позиција, која со оглед на конкуренцијата и бројот на возачи е одличен успех. Во класата МХ2 Јуниор тој се најде на 13-та позиција.

Вториот македонец кој се бодуваше во МХ2 и МХ2 Јуниор е Ангел Ристов (МК Ноќни Волци), кој прикажа солидно возење и притоа ја забележа 29-та позиција на првата трка и 28-та на втората. Ангел доби по 1 поен од двете трки и со вкупно 2 бода на Балканскиот шампионат ќе ги продолжи трките во класата МХ2 Јуниор.

mx janica 2016 60

Во класата МХ2 го проследивме и возењето на Васко Киров (МК Ноќни Волци). Тој настапуваше за прв пат со својот нов мотоцикл и во ваква конкуренција, иако немаше забележителен резултат (33 позиција на првата и втората трка) успех во ваква ситуација претставува и самото завршување на трката.

mx janica 2016 92

Во класата МХ2 Ванов Драган и Виктор Караколев беа претставници на МК Мото Велес на првата трка од Балканскиот шампионат во мотокрос. За младите возачи ова беше прва трка од ваков карактер, со 36 возачи на рампата и конкуренција која е на завидно ниво. Ванов Драган прикажа солидно возење во двете трки, а во тоа му помогна искуството од трките од домашниот шампионат. Тој на првата трка заврши на 30-та позиција, а на втората трка се искачи на 25-то место.

mx janica 2016 94

Виктор Караколев едноставно немаше среќа. Проблемот со неговиот мотоцикл започна на првата трка, па тој мораше да се повлече и да остане без пласман. Иако неговиот тим се потруди максимално да го оспособи за втората трка, уште на загревачкиот круг тој повторно имаше проблеми па така остана без пласман од Јаница. На квалификациите тој возеше време од 2:10.529 кое беше доволно за 28-та позиција во конкуренција на 36 возачи.

mx janica 2016 33

Искуството кое нашите возачи го добија од овие трки е непроценливо, тоа ќе значи многу за нивниот напредок во кариерата и секако ќе им помогне во следните трки. Момци браво, горди сме на вас.

Во класата МХ1 ги видовме нашите најискусни возачи, Гоце Томовски (МК Гого) и Христијан Илиоски (МК Пелистер). Томовски започна добро на тренинзите и имаше 5-то време во конкуренција на 12 возачи, но подоцна заради промена на гумата на квалификациите беше 7-ми. Томовски имаше солиден старт на првата трка но променливата подлога на стазата си го направи своето па на крајот тој мораше да се задоволи со 9-та позиција. Втората трка беше возбудлива за гледање бидејќи тој водеше беспоштедна борба до последниот свиок со Димитриос Бакис од Грција. На крајот Томовски заврши на 8-та позиција, зад Мпакис со разлика од 0.088 делови од секундата! За Томовски пласманот од првата трка на Балканскиот шампионат му донесе 25 поени и 9-та позиција во генералниот пласман.

mx janica 2016 38

Нашиот најдобар кросист Христијан Илиоски на одличен начин го започна походот кон титулата во Балканскиот шампионат со две втори места кои му го донесоа и второто место во генералниот пласман. Илиоски имаше најдобро време на квалификациите, 1:48.557 беше импресивниот резултат кој го стави на првата стартна позиција пред својот конкурент Адријан Радута од Романија кој на квалификациите возеше 1:49.980. На првата трка Илиоски изби на чело на колоната но по еден круг направи мала грешка по која му ја препушти водечката позиција на Радута. Романецот искусно до крајот ја одржуваше разликата пред нашиот возач и дојде до првата победа. Во втората трка стартот беше проблематичен за Илиоски заради лизгавата подлога па по првиот свиок тој се најде на третата позиција. За неколку кругови тој успеа да го помине Кириакос Котис од Грција и да дојде до второто место, но разликата од неколку секунди до првопласираниот Радута беше недостижна. Двете втори места му носат 44 поени во генералниот пласман на популарниот Кико, а со оглед на тоа што втората трка од шампионатот се вози на патеката Милци во Гевгелија, се надеваме дека веќе по втората рунда ќе има промена на врвот.

mx janica 2016 66

Шампионатот продолжува според следниот распоред:

  Датум Место Земја Забелешка
MX01 Март 26-27 Јаница Грција EC65 & EC85
MX02 Април 16-17 Гевгелија Македонија EC65 & EC85
MX03 Мај 7-8 Каисали Турција  
MX04 Мај 28-29 Крешево Босна и Херцеговина Само класите MX1, MX2 и MX
MX05 Јуни 18-19 Глобаре Србија EC65 & EC85
MX06 Септември 17-18 Самоков Бугарија  
MX07 Октомври 8-9 Тројан Бугарија  
Back To Top