Доколку се одлучивте да правите пауза во зимскиот период, а притоа ги следевте нашите совети за чување на вашиот миленик на две тркала, еве што треба да направите за да продолжите со возење.

  1. Проверете дали акумулаторот е исправен, доколку ви бил оставен на активен полнач сигурно нема да имате проблеми, доколку сте го чувале на суво и топло место најверојатно ќе запали, а доколку сте го оставиле на самиот мотор, голема е веројатноста дека ќе имате проблем со првото палење.

  2. Направете инспекција на светлата и жмигавците, проверете ја инструмент таблата и уверете се дека сите мерачи функционираат правилно.

  3. За новата сезона добро е да го промените маслото во вашиот мотоцикл. Доколку го променивте маслото на крајот на минатата сезона, не треба да правите ништо, во спротивно време е да го направите тоа. Користете го оној бренд на масло кој вам ви одговара, а за градацијата прочитајте го корисничкото упатство за моторот. Верувајте им на инженерите од фабрика, доколку препорачуваат 10w40, користете такво, не дозволувајте да ве убедуваат дека 15w50 е подобро заради некоја причина. Некои производители на моторни масла на своите сајтови нудат опција за правилен избор на масло (линкот работи само во Internet Explorer) според брендот на мотоциклот кој го возите. Наш совет е и да не се врзувате за брендот на масло кое го користите, различните масла фунцкионираат различно кај секој производител на мотори, па така ако одреден бренд бил одличен за мотоциклот на вашиот пријател, не значи дека е идеален и за вашиот. При промената на маслото не заборавајте да го промените и филтерот за масло.

  4. Проверете ја истрошеноста на ѕвездите, како и самиот ланец. Доколку има потреба не се двоумете дали да ги промените, преносниот систем е важен дел од вашиот мотоцикл.

  5. Задолжително проверете ги гумите. Проверете ја шарата, размислете за промена на самите гуми доколку ги возите повеќе сезони или доколку имате поминато голем број на километри. Барајте било какво видливо оштетување, и не заборавајте да го проверите притисокот на гумите.

За крај, не заборавајте да проверите дали имате бензин во резервоарот, не би сакале првото возење во новата сезона всушност да биде туркање до најблиската бензиска станица :)

Back To Top